Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи, врз основа на своите законски надлежности, интензивно преземаат дејствија за испитување на наводите за евентуално сторени кривични дела поврзани со третманот на пациенти и работата на Клиниката за онкологија.
Од Обвинителството истакнуваат дека во континуитет сe издаваат наредби и се обезбедуваат докази кои треба да ја проверат вистинитоста на наводите изнесени во новинарските истражувања објавени во последните недели.
-Во тоа целосно соработуваат и помагаат и раководството на Клиниката за онкологија, но и друг лекарски и медицински персонал. Јавното обвинителство ја уверува јавноста дека сите наводи ќе бидат до крај истражени, а сите евентуални сторители на кривични дела ќе бидат соодветно гонети. Целата постапка од првиот момент се води максимално транспарентно и со почитување на сите законски процедури.
Во тој контекст, ја известуваме јавноста дека соодветните наредби за анализа на одземените компјутери и компјутерски податоци при претресите се веќе издадени. Истражните органи вршат распити на сите лица кои имаат сознанија за противправни дејствија. Основното јавно обвинителство Скопје ќе формира тим од стручни лица кои ќе ја анализираат медицинската документација за водење на пациентите и администрирање на терапијата. Министерството за внатрешни работи, како орган на откривање на сторители на кривични дела, презема и други дејствија кои во моментов не можат да се споделат со јавноста, но со директна цел – да се дојде до вистината и евентуалната кривична одговорност. Во истиот момент кога за конкретно лице ќе бидат обезбедени доволно докази за основано сомнение дека сторило кривично дело, обвинителството ќе ја информира јавноста. Во исто време, свесни за чувствителноста на оваа тема за огромен број засегнати граѓани, сепак апелираме на воздржаност од предвремено прејудицирање за текот на постапката и за одговорност на кое било лице, велат од Обвинителството.
Потсетуваат дека ширењето на непроверени информации и нарушувањето на пресумпцијата на невиност може сериозно да наштети на постапката и да ги одврати сведоците да соработуваат.
Јавното обвинителство ги охрабрува сите оние кои имаат сознанија во врска со овој предмет, да ги пријават на надлежните органи. Основното јавно обвинителство Скопје од претходно веќе води три постапки за изолирани случаи на обид за кражби на лекови и поткуп поврзани со Клиниката за онкологија, од кои едниот е веќе во судска постапка. И последните наводи ќе бидат детално проверени, а за сите резултати од преземените дејствија јавноста ќе биде веднаш известена, се посочува во соопштението.
извор: Обвинителство