КСЗД може да го тужи МОН заради недостигот на учебници – Ако го направи тоа ќе биде прв таков случај

За Комисијата за спречување и заштита од дискриминација недостасуваат учебници, а не задоволува објаснувањето дека учебникот е во фаза на подготовка или печатење, објави nezavisen.mk.

– Согласно препораката на Комисијата МОН требаше да обезбеди учебници по сите предмети, за сите ученици, на сите јазици на кои се изведува наставата во македонските училишта, пред почетокот на учебната година – рече претседателката на Комисијата, Весна Бендевска.

Според претседателката на Комисијата, Бендевска, од извештајот на МОН од прво до деветто одделение потребни се 126 различни учебници, по различни предмети на неколку јазици. Од нив, на почетокот научебната година недостасуваат дури 43 или 34 отсто. За шесто одделение, кои од годинава почнуваат да работат според новата концепција, фалат дури 10 учебници по десет предмети.

Само учениците од прво и второ одделение ќе имаат учебници по сите наставни предмети.

Учебникот по српски јазик, пак, нема ниту одобрение од Националната комисија, а ќе нема учебник по математика, ниту пак е распишан јавен повик за формирање на авторски тим, а ќе мора да биде преведен и на сите други јазици.

За случаите каде за изработка на учебник не пројавил интерес ниту еден автор, Бендевска вели дека законска обврска е на министерот, во таков случај, тој да повика, да назначи автори кои ќе изработат учебник.

Учениците од петто одделение ќе немаат учебник по општествени науки и историја, кој беше повлечен во мај, а се работи за оној учебник каде Монт Еверест беше висок 22 км, а Бугарија ни беше на запад.

Објаснувањата од МОН, стигнати до КСЗД велат дека за учебникот по Историја и општество не е доставен ракопис, за српски јазик се пријавиле несоодветни наставници автори и тн.

Учениците од 7,8,9 оваа учебна година ќе ја следат според старата програма. Ова претпоставува дека ќе ги користат старите учебници, освен учебникот по географија, поради проблеми со преносот на права на авторот.

Заклучокот на Комисијата е дека МОН не ја отстрани констатираната дискриминација, туку е во поголеми размери во односо на она што Комисијата го утврди во јуни 2023 година.

Обезбедување на квалитетно образование е прашање на индивидуалната правда и претставува општествена одговорност на сите нивоа.

– Највисока заштита од дискриминација е судската. Комисијата има обврска да покрене пријава, но овде се опфатени голем број ученици. Остануваат без учебникот како основно средство за стекнување знаење. Тоа е структурно системска празнина. Комисијата има право да покрене тужба против јавните институции кои не ја отстраниле дискриминацијата – вели Бендевска.

Најавија конечна одлука за следната недела, а тоа ќе биде прв случај ако Комисијата се одлучи да покрене тужба.

Текстот во целост на: nezavisen.mk