Фолк музичарот Јордан Митев нема да настапи во Пеленица на Денот на независноста, иако неговото гостување беше најавено, бидејќи, како што тврди, сфатил дека се работи за партиски одбележан настап, кој имал партиска цел.
Веста дека го откажал гостувањето ја објави на својата страница, и појаснува дека Денот на независноста според него е празник на сите граѓани и не смее да се политизира и одбележува со партиски симболи.
-Да се настапи на Денот на независноста на мојата земја Македонија, како автор и изведувач на македонска музика за мене е голема чест. Тој празник е за сите кои што си ја сакаат и почитуваат својата земја и истиот сметам дека не треба да биде политизиран или обележуван со партиски симболи.
За оваа година имав неколку понуди за да настапам по повод престојниот празник. Едната е утре на плоштадот Автокоманда (четврток, 7-ми септември со почеток од 19:30 часот), а другиот настап требаше да биде на 8-ми Септември во Пеленица – Скопје.
Не знам дали е намерно или ненамерно, но како што гледам по најавите на организаторите настанот на 8-ми Септември е партиски обележан и истиот има одредана партиска цел, а за тоа не ми беше кажано. Бидејќи се чувстувам намерно или ненамерно изманипулиран како човек и како професионалец, сакам да ве информирам дека нема да учествувам на 8-ми Септември во Пеленица – информира Митев.
Инаку, организатор на настанот „Традиционален пикник во Пеленица” по повод 8. Септември, Денот на независноста на Македонија е Општинската организација на СДСМ – Кисела Вода.
Најавени се настапи на Сања Барби, Сузана Гавазова, Адријана Кеш, Благоја Грујовски и други фолк музичари.
fokus.mk