При вршење теренска контрола службите на Ј.У.Н.П. Шар Планина во соработка со службите на Министерството за Внатрешни Работи, во текот на вчерашниот ден, затекнаа четири лица државјани на Република Косово кои нелегално ја поминале границата со крос мотори движејќи се по високопланинските пасишта на територија на Национален парк Шар Планина во зоната на строга заштита.
Поради основно сомнение дека се направени прекршувања на повеќе закони меѓу кои и Законот за заштита на природата, лицата беа приведени, а крос моторите одземени и предадени на соодветните државни органи.
Движењето на моторни возила во зоната на строгата заштита е строго забрането и казниво по закон поради деградацијата на почвата и вознемирувањето на заштитените диви животински видови.

Со цел да се овозможи мир на дивите животни, заштита на природата и ресурсите во приватна сопственост како и уживање на љубителите на природата во Национален парк Шар Планина, за движењето со моторни возила на територија на НП Шар Планина е воспоставен режим на движење. Патиштата на кои е воспоставен режим на движење се претставени на карта, која е подготвена во согласност со Планот за управување со Националниот парк и Законот за заштита на природата.
Картата на која се прикажани патиштата по кои е дозволено движење на моторни возила е поставена на информативните табли во паркот и објавена на следниот линк https://www.sarmountain.org.mk/karti-mapi

НП Шар Планина