Според податоците од Централниот регистар, зетот за ќерка на лидерот на ДУИ Али Ахмети, Куштрим Смајлај, на почетокот на 2022 година направил заедничка фирма со бизнисменот Ерџан Сулкоски и веќе во првата година направиле обрт од 12 милиони евра и профит од околу 2,5 милиони евра, открива „360 степени“, додавајќи дека пред месец дена, Сулкоски го продал својот удел од 50% за 2 500 евра на Смајлај.
Во истата 2022 година Сулкоски „влегол“ во уште еден бизнис. За 24.000 евра добил 65% од компанијата РКМ, која во тој момент имаше гарантиран бизнис од 112 милиони евра за набавка на мазут за потребите на државната ЕСМ), а годината (очекувано) ја заврши со профит од 6,2 милиони евра.
Во понеделникот во „360 степени“ гостуваше претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, каде на прашањето „Дали треба да заклучиме дека семејството Ахмети е во бизнисот со увозот на мазут?“ тој одговори:
Јас ве убедувам дека семејството Ахмети нема ништо со … како се викаше, Ерџан Сулкоски.
Но, „360 степени“ го открива договорот од 11 јануари 2022 година кога две лица ја основале фирмата „К.С.А. Интернатионал“. Името на едниот содружник е Куштрим Смајлај, во тој момент, германски државјанин со привремен престој во Зајас. Во документите од Централниот регистар не пишува дека истиот Куштрим Смајлај е зет на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сопруг на неговата ќерка Ускана.
Вториот содружник во компанијата „К.С.А. Интернатионал“ е Ерџан Сулкоски, македонски државјанин со адреса на живеење во Кичево.
извор: 360 степени