Детали за трагедијата во Гевгелија – Браќата биле скарани, а убиството се случило поради банална работа околу куќата

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Гевгелија вчера извршил увид на местото каде се случи двојното убиство синоќа во Гевгелија.

Според првичните информации, мотивот за двојното убиство се нарушени меѓусебни односи на двајцата браќа, кои кулминирале заради банална расправија во врска со работи на заедничката куќа. Сторителот е лишен од слобода и во текот на денот ќе следи постапка, се вели во соопштението од Обвинителството.

Вчера од МВР информираа дека 62-годишниот В.Г. од Гевгелија се сомничи дека ги усмртил брата си Л.Г. (71) и снаата Т.Г. (62).

Од СВР Струмица информирале дека синоќа околу 19 часот полициски службеници го лишиле од слобода В.Г. кој пред влез од куќа во Гевгелија со пиштол пукал кон неговиот брат и снаа, кои починале на местото на настанот.

Смртта кај сопружниците ја констатирал лекар од Итна медицинска помош од Гевгелија, а лицето е задржано во Полициската станица во Гевгелија и од него било одземено оружјето со кое го извршил убиството.