Миле Зечевиќ поднел оставка од функцијата член на Надзорен одбор во Стопанска банка Битола

Стопанска банка Битола преку Берзата извести дека членот на Надзорниот одбор, Миле Зечевиќ, до Собранието на акционери на Стопанска банка Битола поднел оставка од функцијата независен член на Надзорниот одбор на Банката.

Тоа се случило пред околу еден месец, односно на крајот на август оваа година.

„Согласно член 364 од Законот за трговските друштва, по поднесената оставка не се одлучува за нејзино прифаќање. Се смета дека на членот на Надзорниот одбор му престанал мандатот со денот на поднесувањето на известувањето за оставката, во писмена форма, освен ако во известувањето не е наведен некој друг датум“, соопштиле од банката.

Инаку, како што наведуваат оттаму, во поднесената оставка Миле Зечевиќ има наведено дека неа ја дава од лични причини, заради зголемени професионални обврски во останатите работни ангажмани и истата стапува во сила со денот на комплетирање на составот на Надзорниот одбор.

Миле Зечевиќ е генерален секретар на владејачката партија СДСМ.

Инаку, сега Собранието на акционери на Стопанска банка а.д. Битола треба да донесе одлука за именување еден член на Надзорниот одбор на банката како независен член.

Собранието на акционери на Стопанска банка Битола ќе се одржи на крајот на октомври оваа година, а на него ќе се предложи нов член на Надзорниот одбор на банката, кој ќе има мандат од 4 години.

 

faktor.mk