Мечките како заштитен вид насекаде низ светот и важен дел од екосистемот се соочуваат со закана за отстрел од човекот, егоцентричен вид кој е склон само кон деструктивно и глупаво делување за решавање на проблем кој сам го создал. Само кај нас се предлага вакво скандалозно „решение” иако многу држави во светот имаат автохтона популација на мечки, предупреди денеска Анима мунди, организација за заштита на животните.
Тие реагираат на проблемот откако жителите на неколку села што се протегаат во националните паркови во нашата држава алармираат за присуство на заштитениот вид кај нас – кафеавата мечка која во потрага по храна талка по населени места и претура по кантите за отпадоции и дивите депонии.
-Поради незаинтересираноста на надлежните институции чија заштита на овие и сите диви животни постои само на хартија, состојбата кулминираше дотаму каде што немилосрдно беа убиени три мечки на дива депонија обидувајќи се да се прехранат. Иако ова наиде на осуда од надлежните институции и навидум се во потрага по сторителите, неодамнешната средба на надлежните институции со жителите на Маврово меѓу редови го кажа сосема спротивното – дека се планира отстрел на кафеавата мечка бидејќи претставува закана за населението и апсурдната констатација дека истата е пренаселена и нејзиниог број е дуплиран. За жал овој наш заклучок го потврди и директорот на ЦУК Стојанче Ангелов со вчерашната несреќна изјава, соопштувата од Анима мунди.