Македонските инженери најавуваат протест: Чебрен и водите мора да бидат македонски“

0
187

Во недела во период од 11:00 до 11:30 часот, инженери од сите градови ќе го изразат своето незадоволство и спротивставување на владината одлука за доделување на концесија за користење водата на Црна река за производство на електрична енергија на грчкиот ППЦ-Архиродон, информираат од Здружението на инженери на Македонија. Манифестацијата на незадоволство ќе се одвива пред главните обележја на градовите – општините, а скопјани ќе се соберат кај Камениот Мост.

„Со оваа манифестација на незадоволство на македонските инженери, Владата треба да ја преиспита и да ја повлече вака донесената штетна одлука и да не пристапува кон склучување на договор со која било странска или домашна компанија за доделување на концесија за користење водата на Црна река за производство на електрична енергија и управување со водите.

Реверзибилната хидроцентрала Чебрен е еден од најголемите и најважните енергетски проекти на државата и е од стратегиско значење за енергетската независност на Македонија. Таа со инсталиран капацитет од најмалку 333 MW треба да овозможи Македонија да остане во поголем процент енергетски независна после 2028 година, кога поради ‘Зелената транзиција’ треба да престанат со работа РЕК Осломеј и РЕК Битола.

Манифестацијата на незадоволство ќе се одвива пред главните обележја на градовите – општините, а скопјани ќе се соберат кај Камениот Мост. Солидарно со инженерите, во спречувањето на овој злочин чиј последиците ќе ги трпиме ние и нашите поколенија, незадоволството ќе го изразат и наши сограѓани по градовите – општините. Како симбол на заштитата на македонските води, како национално богатство, на местата на собир, инженерите ќе остават шишиња со вода“, се вели во соопштението и се додаваат главните пораки:

Чебрен мора да биде македонски и Македонија да биде нејзини инвеститор!

ХЕЦ Тиквеш не смее да се подарува!

Нашите води не се за продажба!

Не смее да се дозволи узурпација на македонските природни богатства и нивно распродавање на домашни и странски компании!

Фото: Здружение на инженери на Република Македонија