МНР: Деветтемина велешани кои беа евакуирани од Тел Авив се вратија дома

0
109

Министерството за надворешни работи информира дека деветмината наши граѓани од Велес, кои туристички престојувале во Тел Авив и се затекнале за време на нападите од Хамас врз Израел, безбедно се вратени во Македонија.
Тие вчера биле прифатени со специјалниот лет на Владата на Албанија до Тирана, по што претставници од нашата амбасада ги префрлиле со организиран транспорт кон кон Македонија.

Инаку претходно Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија (МЕНР) соопшти дека синоќа пристигнал првиот авион со албански, македонски и косовски државјани кои барале да го напуштат Израел по прогласувањето на воена состојба.

– Авионот „Ер Албанија“ со 40 патници, меѓу кои и државјани од земјите од регионот како Косово, Северна Македонија, потпомогнат од Министерството за Европа и надворешни работи, Министерството за инфраструктура и енергетика и албанската амбасада во Израел слета на меѓународниот аеродром „Мајка Тереза“, беше појаснето во соопштението, во кое се додава дека патниците биле пречекани од министерот Игли Хасани.

Од македонското Министерството информираат дека во наредните денови ќе има повеќе специјални летови за Тел Авив, во координација со министерствата на земјите од регионот за да им помогнат на сите граѓани кои сакаат да се вратат во своите земји.

Претходно, како што информираше македонското МНР, седум државјани на Северна Македонија, туристи кои биле во Витлеем, успешно ја поминале границата со Јордан, каде биле прифатени од почесната конзулка од Македонија, а во наредните денови се очекува нивно упатување кон дома.

Утрото, пак, четворочлено семејство затекнато во Тел Авив, со комерцијален лет се упатило кон Истанбул, од каде исто така ќе го продолжи патувањето кон Македонија, посочуваат од МНР.

Во соопштението на македонското МНР се наведува дека се проценува дека на територијата на Израел и загрозените подрачја престојуваат меѓу 100 и 200 наши државјани, кои МНР очекува да се пријават, или да бидат пријавени од нивните блиски во контакт центрите.

извор: МНР