Западен Балкан ќе биде дел од пакетот на процесот на проширување во кој влегуваат Украина и Молдавија, изјавил директорот за Западен Балкан во Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС), Марко Маковец, на вчера отворената Белградска безбедносна конференција.
„Генериран е нов моментум за проширување на Европската унија. Тоа може да се почувствува, се чувствува и меѓу шефовите на држави“, порачал тој и навел дека се прават конкретни работи за да се обезбедат пари за проширување.
„Нашата институционална цел – и во врска со тоа високиот претставник (Жозеп Борел) ми даде инструкции – е дека во истиот пакет на проширување во кој ќе бидат Украина и Молдавија, ќе биде и Западен Балкан“, изјави Маковец на панелот „Украина и сојузниците: Да се зачувува силно единство“.
Како што пренесуваат српски медиуми, тој најавил дека ЕУ сега ќе работи многу интензивно на таа стратешка цел и дека еднакво ќе се мерат придонесите на сите држави кандидати за членство во ЕУ.
„За сите држави кандидати ќе се применува иста методологија“, објаснил Маковец, потенцирајќи дека клучните услови за проширување на ЕУ ќе останат исти, но дека мора да работат на тоа да бидат побрзи и поефикасни.
„Проширувањето постои за ЕУ да биде посилна“, порачал тој.
Според потпретседателот на германскиот Маршалов фонд, Томас Клајн-Брокхоф следното проширување на ЕУ нема да биде слично на ниту едно од претходните проширувања. Тој го поставил и прашањето како ќе се позиционира ЕУ кон пристапување на земја која е во војна и чии граници не се обезбедени, но додале и дека не треба да се зборува за конкретен датум на проширување.
Во фокусот на годинешната конференција на Белградскиот центар за безбедносна политика, насловена „Реконструкција на глобалниот (не)ред“, се геостратешките прашања, глобалната безбедност, проширувањето на ЕУ, борбата за демократија, сајбер безбедноста, човековите права, решавање на конфликти, војната во Украина и зелената транзиција.
DW