Тамара Грујеска со песната „Кажи ми, кажи ми кој“ ќе ја претставува Македонија во Ница – Франција

Тамара Грујеска со песната „Кажи ми, кажи ми кој“ ќе ја претставува Северна Македонија на Јуниорската Евровизија која ќе се одржи на 26 ноември во Ница, Франција.

13-годишната Грујеска беше избрана за македонска претставничка на детската Евровизија преку аудиција што претходно годинава ја одржа Македонската радио-телевизија (МРТ), додека песната со која ќе настапи беше објавена вчера.

Музиката на „Кажи ми, кажи ми кој“ е на Роберт Билбилов и Дарко Димитров, додека текстот на песната го напишале Билбилов и Коста Петров.

Детскиот натпревар за избор на песна на Евровизија годинава се случува по 21 пат, а ќе се одржи во Палатата Никаја во Ница, Франција, по победата на земјата на натпреварот минатата година кога првото место го освои Лисандро со песната „Oh maman!“.

И годинава на натпреварот ќе учествуваат шеснаесет земји.

Минатата година Македонија на јуниорската верзија на Евросонг ја претставуваа Лара, Јован и Ирина со песната „Животот е пред мене“. Со вкупно 54 поени, тие завршија на 14 место од вкупно 16 учесници.