Професор д-р Вело Марковски ќе се кандидира за претседател на државата како независен кандидат. Тој ќе побара поддршка од 10.000 граѓани, чии потписи, како што информираше денеска на прес-конференција, ќе се собираат согласно законските прописи по распишување на изборите, објави makpress.mk.
Во периодот до избори ќе ја презентира платформата и очекува поддршка од сите граѓани без разлика на партиската определба. Ќе прифати поддршка од сите, освен од поединци и партии кои, како што кажа, макар и со една изјава го негирале повеќемилениумското негирање на македонскиот народ, македонскиот јазик и повеќевековното постоење на современата македонска нација.
-Независен кандидат за претседател поддржан од народот е добра можност за обединување и функционирање на државата, рече Марковски.
Иако е член на ВМРО-ДПМНЕ, тој рече дека не разговарал со лидерот на партијата Христијан Мицкоски за неговата кандидатура иако, според негови сознанија, бил на листите на партиите за мерење на рејтинзи за можни кандидати за претстојните претседателски избори.
– Сметам дека не е во ред да се вадат кандидати за претседател кои народот не успеал да ги запознае. Се случуваше во овие 30 години ВМРО-ДПМНЕ многу често да поддржува независни кадндидати или многу често функционери од други партии на многу клучни места. За градоначалник на Скопје неколку пати, за градоначалник на Центар, за министри…така што сега очекувам една спротивна ситуација мојата партија ВМРО-ДПМНЕ да ме поддржи, рече Марковски.
Одлуката да биде претседателски кандидат, рече дека ја донел после многу разговори. Претстојните избори, според него, ќе бидат можност за храбра, суштинска и квалитетна промена во извршувањето на функцијата претседател на државата.
-Мојата визија за претседател е дека таткото на нацијата секогаш треба да биде на страната на граѓаните, да биде гласен брз разлика дали е изложен на внатрешен или на меѓународен притисок и дали се согласуваат странците. Вистински претседател секогаш ќе знае да ја објасни и да ја одбрани позицијата на својот народ и на својата држава и секогаш ќе биде заштитен од граѓаните, рече Марковски.
Според него, треба да почекаме Европа да ги реши прво своите проблеми, па потоа да се размислува како ќе се одвиваат преговорите со ЕУ. Марковски смета дека целата процедура со промената на Уставот треба да се прекине.
Отворена е и веб страницата velomarkovski.mk на која граѓаните можат подетално да се информираат за неговата програма.
Проф. д-р Вело Марковски е познат специјалист инфектолог. Роден е на 11 мај 1958 година во Папрадиште, Велешко. Тој е прв што во јавноста објави дека сака да се вклучи во трката за претседател на државата следната година.