Анкета-Онлајн медиумите се повлијателни од медиумите

0
232

Интересни податоци открива анкетата ЕВРОМЕТАР 2023 на Евротинк – Центар за стратегиски истражувања за тоа каде, од кои медиуми и од кои платформи, се информираат граѓаните за политички теми.

После долги години „доминација“ на телевизиите во информирањето на граѓаните за политички теми, перцепција создадена главно со погрешно насочување на испитаниците во анкетните прашалници, ЕВРОМЕТАР 2023 конечно го потврди она што е општо познато и без анкети – дека граѓаните доминантно за сите теми, вклучително и за политичките, се информираат преку интернет.

Инаку, уште анкетата на Евростат за 2021 година покажа дека мнозински 72 отсто од македонските граѓани на возраст меѓу 16 и 74 години го користеле интернетот за читање на онлајн медиуми или за информирање преку електронските верзии на весниците Ова е идентичен процент со просекот на земјите-членки на ЕУ.

Во анкетата ЕВРОМЕТАР 2023 на Евротинк, запрашани како се информираат за политички теми, 56,5% од испитаниците одговориле „преку интернет“, 43,5% „преку телевизија“, а 12,5% „од пријатели/фамилија“. Интересно е дека во одговорите, едноставно, не се застапени печатените медиуми (весниците), па не се знае дали бил понуден таков одговор.

Во врска со прашањето кој односно каков е изворот од Интернет за политичките теми, истражувачите заклучиле дека највисоко рангиран извор за политички информации, со „освоени“ 93% од максималниот можен скор (100%), се социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, Инстаграм, Јутјуб и Подкаст. Онлајн порталите се значително послабо рангирани со освоени 24% од максималниот скор, а онлајн платформите на постоечки радио станици или ТВ канали се рангирани со само 7% освоени бодови.

Но, анкетата, барем според јавно објавените резултати, не дава одговор кои и чии содржини на посочените социјални мрежи се извори на политички информации. Затоа се добива впечатокот дека лицата кои се активни на интернет, од кои најпопуларните се нарекуваат инфлуенсери, се доминантни комуникатори со граѓаните за политички теми и креатори на политички информации.

Сепак, општо е познато дека тоа не е така. Главни креатори на постови поврзани со политиката на социјалните мрежи Фејсбук, Твитер, Инстаграм и Јутјуб, се токму онлајн медиумите и веб-страниците на традиционалните медиуми. Имено, медиумите редовно ги споделуваат објавените содржини на нивните веб-страници на социјалните мрежи. Во голем процент, читателите пристапуваат до содржините на онлајн медиумите преку објавите на Фејсбук, на Твитер, на Инстаграм и на другите социјални мрежи. Затоа, тие објави на социјалните мрежи се доминантните политички информации, кои потоа се лајкуваат, се коментираат или се шеруваат.

 

 

Plusinfo.mk