Манастирски комплекс Карпино во општина Старо Нагоричане – споменик на културата од поствизантискиот период

0
256

Древниот манастирски комплекс Карпино во општина Старо Нагоричане, сместен во близина на селото Сув Орах привлекува со својата исконска убавина. Карпинскиот манастир, кој се наоѓа во атарот на селата Сув Орах, Дренак, Аљинце, Страцин, е еден од најзначајните средновековни споменици од поствизантискиот период во државава и на Балканот и е еден од првите кој бил заштитен со Закон за заштита на споменици на културата во раните педесетти години од минатиот век, makpress.mk.

Црквата Света Богородица e споменик на културата од поствизантискиот период. Првиот слој фрески датира од 1592 година, а во 1893 година покриени се со нов слој фрескоживопис. Конаците потекнуваат од XIX век. Во минатото, во манастирот имало до 300 монаси. Таму се развила препишувачка школа и во тој период манастирот бил духовно, црковно и културно јадро. Со него се гордеат жителите од селото, како и од соседните села.

Трајче Димитриевски од село Сув Орах вели дека формирале одбор за заштита на манастирот.

– Еден од конаците е понов и имаме дозвола да го реновираме, кујната врати прозорци, тие што доаѓаат во посета да можат и да преноќат, да се дружат за викенд, додека другиот конак кој е изграден во 14-ти век, тој е под заштита за културно наследство,вели Димитриевски.

Жителите од селото и од соседните од козјачијата, велат дека сѐ повеќе има интерес за посета на манастирот.

– Луѓето сакаат да го посетуваат, потребни се дозволи да се уреди, зашто е под заштита, вели Дејан Спасовски од самоиницијативен одбор.

Сашо Атанасовски жители раскажува дека често бараат дозволи, а во интерес на селото е да заживее манастирот.

И од Министерството за култура чекаат да заврши изградбата на патот и објаснуваат дека самата црква е во добра состојба, а јужниот конак е сосема руиниран. Западниот конак е во релативно стабилна состојба, додека поголемиот дел од оградниот ѕид е срушен.

– Соодветната заштита на овој споменик на културата е оневозможена заради непристапниот терен. Од таа причина, потребна е итна изведба на пристапен пат, од село Сув Орах до манастирскиот комплекс. Со тоа ќе се обезбеди пристап до споменичното добро во насока на негова ревитализација и ставање во функција на потребите на верниците, домашните и странските посетители. Кога ќе се создадат услови за непречен пристап, од страна на надлежната установа ќе бидат изведени конзерваторски истражувања, изработка и реализација на фазните проекти за заштита на манастирот, велат од Министерството за култура.

Темелни конзерваторски зафати биле спроведени во 1992 година, но и тогаш е констатирано дека јужниот конак е во лоша состојба и тој објкет паднал. Пред дваесетина години била направена консолидација на архитектонскиот склоп на црквата, а во 2006 година изработен е елаборат за прогласување на Манастирот Св. Богородица – Карпино за споменик на културата во опасност кој не бил прифатен од Управата за заштита на културното наследство. Од 2009 до 2012 година, во континуитет се одвивале конзерваторско-реставраторски работи на живописот во црквата при што беа отстранети пресликите и е направена консолидација на постариот слој живопис.

Текстот во целост на: makpress.mk