Ковачевски-Столтенберг: Северна Македонија е ценет сојузник, со членството во НАТО обезбедена е сигурност, стабилност и просперитет на земјата

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, кој денеска е во официјална посета на државата, одржаа тет-а-тет средба, по што заедно со делегациите одржаа билатерална средба.

На билатералната средба на која присуствуваа и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, беше потврдена улогата на Северна Македонија како ценет НАТО сојузник, земја членка која дава значаен придонес во остварувањето на целите на НАТО и останува посветена на учеството во операциите и мисиите на Алијансата.

На средбата беа посочени и конкретните политички и економски придобивки за земјата од членството во НАТО. Премиерот Ковачевски истакна дека стабилноста и безбедноста овозможена преку членството во НАТО е од огромно значење за развој на економијата и е директна придобивка и за граѓаните и за компаниите во Северна Македонија.

На средбата, соговорниците посочија дека е исклучително важно и за земјата и за регионот што Северна Македонија, рамноправно на иста маса со сојузниците активно учествува во дискусиите за регионалната, европската или глобалната безбедност, споделувајќи го својот специфичен пристап на конструктивно решавање на предизвици преку отворен дијалог, што е основа за градење и развивање добрососедски односи.

Северна Македонија во 2020 година стана 30-тата членка на НАТО – најмоќната Алијанса во светот. Заедно со останатите земји-членки го обезбедува мирот и стабилноста на околу една милијарда граѓани во светот кои ги споделуваат истите вредности.

извор: Влада