ЗНМ упати допис со укажување до кабинетот на градоначалничката на град Скопје

0
192

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) упати допис со укажување до градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска во врска со објавата на нејзината официјална Фејсбук страна на 03.12.2023 година, каде што се повикува на правото на демант кој според напишаното не бил објавен од страна на медиумите.

Демантот е изјава со која се врши исправка на некоја вест или пак тврдење и истиот не смее да се користи за јавни пресметки преку омаловажување на конкретни медиуми. Во еден дел од објавата пишува: „Бидејќи ниту еден медиум ПОВТОРНО НЕМАШЕ ХРАБРОСТ да го објави овој демант за лажната вест со која се води хајка, затоа истиот го објавувам тука… Наспроти лагите на т.н. “редакции” без име и презиме…“.

Во дописот до Град Скопје, ЗНМ укажа дека со ваквата изјава се прави квалификација на медиуми и е искористен непристоен тон во изразувањето кон новинари и медиуми. Никој нема право да кажува кој е медиум и новинар, а кој не е, бидејќи на тој начин се загрозува слободата на изразување и правото на информирање на јавноста. Важно е поединците, организациите и институциите со посебна внимателност да го употребуваат демантот, бидејќи кога медиумите треба да објават демант, пред се треба да се земе предвид контекстот, обезбедените докази и целокупниот кредибилитет на изворот.

Злоупотребата на демантите може да придонесе за губење на довербата на јавноста и да стори поголема штета на угледот наместо да ја ублажи. Истакнуваме дека новинарската професија, исто како и професијата градоначалник на градот Скопје е јавна и постои заради граѓаните, поточно за нивно информирање и градската администрација треба да се однесува кон новинарите и медиумите со почит и интегритет.

извор:ЗНМ