Нобеловата награда за мир во име на затворената иранска активистка Наргес Мохамади ја примија нејзините деца

Децата на затворената иранска активистка Наргес Мохамади ја примија годинашната Нобелова награда за мир во нејзино име на церемонијата одржана вчера во норвешката престолнина, известува Анадолу.

Мохамади е позната по кампањата за женски права и демократија во својата земја, како и по борбата против смртната казна.

Наградата ја примија Али и Киана Рахмани, 17-годишните близнаци на Мохамади, кои со таткото живеат во егзил во Париз.

На Мохамади (51) во октомври ѝ е доделена Нобеловата награда за мир за 2023 година за нејзиниот повеќедецениски активизам и покрај многубројните приведувања од страна на иранските власти и годините минати зад решетки. Во моментов Мохамади се наоѓа во затвор во Техеран.

На конференцијата за новинарите во Осло што се одржа во саботата, Киана Рахмани ја прочита пораката на својата мајка, во која затворената активистка ја пофали улогата на меѓународните медиуми во „пренесувањето на гласот на неистомислениците, демонстрантите и бранителите на човековите права во светот“.

„На иранското општество му е потребна глобална поддршка, а вие, новинарите и медиумските професионалци, сте наши најголеми и најважни сојузници во тешката борба против деструктивната тиранија на власта во Исламската Република. Искрено ви се заблагодарувам за вашите напори, за сѐ што сторивте за нас“, вели Мохамади во пораката.

Откако Киана Рахмани ја прочита пораката рече дека има мала надеж дека повторно ќе ја види својата мајка.

„Можеби ќе ја видам за 30 или 40 години, но мислам дека повеќе нема да ја видам. Но тоа не е важно бидејќи мојата мајка засекогаш ќе живее во моето срце“, рече Киана.

Братот и сопругот на Мохамади за новинарите во Осло рекоа дека таа планира штрајк со глад во знак на солидарност со верското малцинство Баха во Иран.

Тахни, сопругот на Мохамади претходно рече дека не можел да ја види својата сопруга 11 години, а нивните деца не ја виделе својата мајка седум години.

Наргес Мохамади е 19. жена што ја добила Нобеловата награда за мир и втора Иранка откако активистката за човекови права Ширин Ебади ја доби оваа награда во 2003 година.

Тоа е петти пат во 122-годишната историја на доделувањето на наградите, наградата за мир да му се додели на некој што е в затвор или домашен притвор.

– Наргес Мохамади се издвојува со својот активистички идентитет

Во соопштението на норвешкиот комитет за Нобелова награда, објавено на 6 октомври, се наведува дека наградата ѝ е доделена на Мохамади „за нејзината борба за жените што живеат под опресија“ во Иран.

Наргес Мохамади, која се истакнува како активистка во Иран, е позната по нејзината борба за човековите права. Мохамади е осудена од страна на иранското правосудство за злосторства под обвинение за „дејствување против националната безбедност и пропаганда против режимот“, последен пат беше пратена в затвор во ноември 2021 година откако присуствуваше на комеморацијата на демонстрант што го загуби животот за време на протестите што избувнаа во Иран поради поскапувањето на бензините во 2019 година.

Мохамади, која оттогаш се наоѓа в затвор, даде изјави на поддршка од затворот Евин и за протестите што започнаа по смртта на младата жена по име Махса Амини за време на полицискиот притвор во септември 2022 година.

Иранските власти, од друга страна, ги сметаат антирежимските протести што одвреме-навреме од различни причини избувнуваат во последните години како „заговор на непријателите“. Иранскиот лидер, ајатолахот Али Хамнеи, во својата изјава на 3 октомври 2022 година, во врска со протестите за Махса Амини, кои започнаа во 2022 година и се сметаат за најдолготрајните протести во земјата, рече:

„Јасно кажувам дека овие настани беа планирани од САД, ционистичкиот режим и нивните приврзаници.“

извор:Анадолу.

фото: Анадолу.