Народниот правобранител: „2023 година беше многу тешка година за слободите и правата на граѓаните“

Народниот правобранител во Северна Македонија го изрази своето незадоволство од недостигот на соработка од другите институции, и заклучи дека 2023 година била „многу тешка година“ за слободите и правата на граѓаните, јавува Анадолу.

Народниот правобранител Насер Зибери одржа прес-конференција на која ја претстави состојбата со правата и слободите на граѓаните за 2023 година.

„Сакам да го истакнам фактот дека Собранието продолжи со практиката на разгледување на годишниот извештај на Народниот правобранител на крајот на годината, што значи дека дури и мерките што ќе ги одобри, ќе бидат невалидни, со оглед на тоа што годишниот извештај се однесува на претходната година. Со ова, всушност, на Владата ѝ се овозможува комодитет да не постапува по одлуките на Собранието и мерките што ќе ги потврдат и на овој начин да не биде исполнета законската обврска Владата двапати годишно да се обраќа до Собранието со извештај за преземените мерки за спроведување на препораките од Народниот правобранител“, рече Зибери.

Тој наведе и дека Министерството за финансии со години ги скратува средствата за Народниот правобранител што, според него, го кочи нормалното функционирање на институцијата.

Зибери говореше и за заштитата на правата на децата, поточно за остварувањето на правото на образование, велејќи дека се забележани неколку случаи каде што на децата им било негирано образование на мајчин јазик.

„Дозволете ми да заклучам дека 2023 година беше многу тешка година за слободите и правата на граѓаните и напорите за нивна заштита, особено за заштита на правата на децата“, рече Зибери.

– Затворениците жртви на насилство од страна на полицијата –

Народниот правобранител се осврна и на еден увид извршен од припадници на Министерството за внатрешни работи (МВР) во затворот „Идризово“, обвинувајќи дека е употребена прекумерна сила.

Тој потсети дека на 28 октомври, по судска наредба, припадници на специјалните единици на МВР извршиле увид во затворот „Идризово“, додека претставници на Народниот правобранител на 29 октомври ја посетиле оваа институција.

„Според изјавите на затворениците, тие биле неправедно жртви на насилство од страна на полицијата. Тие биле врзани, тепани по сите делови од телото, иако не ѝ давале отпор на полицијата“, рече Зибери.

Тој истакна дека случајот е документиран и дека Народниот правобранител ќе поднесе кривична пријава за тешки прекршувања на правата на граѓаните, вклучително и за тортура.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.