Автобус со патници од БиХ се преврте кај Венеција, повредени над 30 лица

Сообраќајна несреќа се случи синоќа по полноќ во Италија во градот Сан Дона ди Пиаве кај Венеција кога двокатен автобус со 79 лица од Босна и Херцеговина се преврте на патот, јавија италијанските медиуми, пренесува Анадолу.

Како што наведува порталот „Венеција тудеј“, несреќата се случила околу 2:30 часот кога туристички автобус со патници од Босна и Херцеговина, кој сообраќал кон Трст, се превртел на патот.

Покрај 77-те патници во автобусот, имало и двајца возачи, а на местото на несреќата интервенирале пожарникарите кои помогнале во извлекувањето на патниците.

Новинската агенција АНСА јавува дека над 30 лица се полесно повредени. Ним, на местото на несреќата помош им дале бројни медицински тимови, а потоа се пренесени во Јесоло и во другите блиски болници.

Како што пренесуваат локалните медиуми, несреќата најверојатно се случила поради лизгав коловоз.

Акцијата за спасување завршила во 7: 30 часот, а патниците во текот на денот ќе бидат пренесени до нивните дестинации.

извор: Анадолу.
фото: Анадолу.