Чулев најави – прва задача на МВР во техничката влада ќе биде ревизија на истрагата за убиствата на Вања и Панче

0
234

Веднаш по формирањето на техничката Влада, во рамките на МВР ќе се спроведе интерна ревизија на преземените дејствија во врска со истрагата за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски и ќе се поднесат соодветни дисциплински постапки ако се утврди дека се направиле клучни пропусти во истрагата, најави Наќе Чулев во интервју за порталот Курир.мк.

– Веднаш по формирањето на техничката Влада, во рамките на МВР ќе се спроведе интерна ревизија на преземените дејствија и во двата кривично правни случаи. Врз основа на тоа што ќе биде утврдено во рамки на внатрешната ревизија, против сите оние кои направиле клучни пропусти во истрагата со несовесно, непрофесионално и нестручно постапување, ќе се покренат соодветни дисциплински постапки, а истовремено и ќе се информира и ОЈО за ГОКК за новите информации и елементи од истрагата. Доколку има елементи ќе се поднесат и соодветни кривични пријави до ОЈО за ГОКК. Воедно, за сите нови моменти од истрагата транспарентно ќе се информира македонската јавност. Истовремено, ќе се направат максимални обиди со цел што е можно побрзо изведување на главниот осомничен пред лицето на правдата. Убиствата на малолетничката Вања и Панче се само врв на сантата мраз кога е во прашање нестручно и непрофесионално постапување на МВР под раководство на Оливер Спасовски. Нашите сознанија зборуваат дека истрагата можела многу поквалитетно и поефикасно да се спроведе, а доколку не се направени сериозни професионални и стручни пропусти и се преземени должни дејствија кои согласно полициските и криминалистичките процедури требало да се преземат, сигурно можело и да се превенира киднапирањето и последователното убиство на Вања. И тоа пред сѐ, е резултат на лошите кадровски и менаџерски политики на раководството на МВР – вели Чулев.

Според него, целокупниот разузнавачко-безбедносен систем е на колена, а состојбата е загрижувачка и хаотична.

– Реформите на безбедносниот систем кои ги предводеше Оливер Спасовски се дефинитивно неуспешни и не ги даваат резултатите кои ги очекуваат пред сѐ граѓаните, но и меѓународните партнери на Македонија. За неуспешноста на безбедносните реформи и неефикасноста на безбедносниот систем, вклучително и МВР како носечка безбедносна институција, сведочат безброј коруптивни, криминални и безбедносни скандали од меѓународни размери во изминатиот период откако СДСМ и ДУИ се на власт. Наместо успешна институција етаблирана во меѓународни рамки, сведоци сме дека Оливер Спасовски и неговиот тим создадоа институција која се мачи да одговори на основните безбедносни предизвици.

Синдикалните организации, кои вистински се залагаат за заштита на правата на вработените во МВР, се целосно во право за критиките кои ги упатуваат кон Оливер Спасовски и раководството на МВР и проблемите на кои укажуваат мора најприоритетно да се адресираат доколку сакаме готовноста, мотивираноста и ефикасноста на полицијата да биде на посакувано ниво – вели Чулев.

Тој додава дека денес МВР е високо партизирано, пренатрупано со нововработен неквалитетен и нестручен кадар, кој не може да испорача резултати, а немотивираноста и апатијата се главна карактеристика на безбедносниот систем.

– Сите непослушни или идеолошко некомпатибилни вработени се подложни на силни нехумани притисоци, мобинг, дискриминација, дисциплински постапки, суспензии и откази. Имајќи монопол на системот за безбедносни проверки, се вршат злоупотреби и на добар дел од нив им се фабрикуваат безбедносните проверки со цел уништување на нивната професионална кариера и институционална елиминација. Тоа е и причината за огромниот број на изгубени судски работни спорови за кои МВР губи милионски суми и за ова мора да се сноси одговорност.

Моралните, етичките и професионалните вредности во МВР се целосно руинирани. Редот, дисциплината и почитувањето на хиерархијата се сериозно нарушени. Системот на кариера е целосно уништен. МВР се соочува со сериозен дефицит на конспиративност, професионалност и стручност. Отсуствува довербата, колегијалноста и институционалната лојалност. Припадниците на МВР се се почесто предмет на насилни напади. Корупцијата и пенетрацијата на криминалните структури во МВР е сериозна и загрижувачка – вели Чулев.

На прашањето да го коментира изборот на Митко Бојмалациев, шеф на кабинет на Оливер Спасовски, за дополнителен заменик министер во техничката влада, Чулев вели:

– Во СДСМ има кадри кои имаат познавање од безбедноста, но веројатно поради интерни политички борби кои се водат во оваа партија, не можат да дојдат до позиција и се маргинализирани. Истовремено, безбедносните институции ги водат личности без кредибилитет и познавање на оваа проблематика.

Конкретното лице, кое е политичко решение на СДСМ за дополнителен заменик министер, не произлегува од професионалните структури на МВР и безбедносниот систем. Како човек со долгогодишно искуство во областа на безбедноста, кој кариерата ја почнал од улица, можам да констатирам дека секое решение за раководно место во безбедносниот систем кое не произлегува од делот на професионалниот кадар, вработените го чувствуваат како наметнато бидејќи изборот не е дел од нив и не живеел со нивните проблеми и предизвици.

Се чини дека предлагањето на млад и неискусен кадар за позицијата во МВР е пред сѐ потценување и девалвирање на оваа институција од страна на СДСМ, затоа што станува збор за кадар кој освен во делот на водењето на кабинетот, нема речиси никакво позначајно искуство делот на оперативно работење и безбедноста.

Во однос на низата убиства, криминали, пукања среде бел ден…, Чулев коментира:

– За жал, Министерството за внатрешни работи е претворено во институција која во јавноста пласира селектирани информации, монтирани статистички бројки и креира лажна перцепција за реалната безбедносна состојба во држава и тоа е сериозен преседан.

Оливер Спасовски и владата сакаат да прикажат дека во однос на безбедноста во државата сѐ е „мед и млеко“, а всушност состојбата е спротивна и многу поинаква. Откривачката функција на МВР во однос на сериозните кривични дела е на исклучително ниско ниво.

Гледајќи ги секојдневните информации од „црната хроника“ сите ние сме свесни дека безбедносната состојба во државата е загрижувачка и сигурноста на граѓаните е доведена во прашања. Свесни сме дека пукањето, дрогата, разбојништвата и насилството на улиците е рапидно зголемено. Македонија стана една од главните логистички бази за издавање на државјанства, пасоши, банкарски сметки и други документи на белосветски криминалци, екстремисти и други безбедносно индикативни лица.
Факт е дека оваа влада нема капацитет и политичка волја да преземе сериозни обиди за справување со катастрофалната ситуација со организираниот криминал и корупцијата во која се наоѓа државата, а што е и официјално констатирано од страна на ЕУ и други релевантни меѓународни организации, но и на што секојдневно укажуваат релевантни дипломатски претставници во државата и надвор од неа. Паралелно со тоа, наместо справување со криминалот, гледаме како тие секојдневно се дружат и објавуваат фотографии со познати криминалци, нешто што во демократските и развиените земји е далеку од прифатена пракса.