81 година од убиството на народниот херој Страшо Пинџур

Кавадарци денеска одбележува 81 година од убиството на народниот херој Страшо Пинџур, од времето на НОВ и Револуцијата 1941-1945 година, информираат од Музеј галеријата во градот.

Страшо Димитар Пинџуров бил роден на петти март 1915 година во Струмица каде неговиот татко работел како учител. Потекнувал од познатото револуционерно семејство Пинџурови од Ваташа. Се образувал најпрво во Ваташа и Кавадарци, а кога во 1929 година биле укинати сите гимназии во Македонија од страна на големосрпската буржуазија, своето образование го продолжил во Србија, каде биле отворени посебни интернати за македонските ученици. Во гимназијата во Крагуевац се изградувал како напреден младинец и револуционер.

– Таму во 1933 година започнал да го пишува својот дневник во кој можеме да прочитаме за неговите размислувања, за светот што го опкружува, за другарите, за љубовта. Покрај другото во овој дневник запишал: „Јас ќе умрам млад, а мојот гроб нема да се знае”. Ова негово претчувство навистина се остварило, потсетија од Музејот.

Во 1935 година Страшо Пинџур се запишал на Правниот факултет во Белград. Многу брзо влегол во редовите на напредното младинско и револуционерно движење. Се вклучил во Друштвото на напредните македонски студенти ,,Вардар”, а во текот на 1936 година бил избран за негов секретар. Станал и член на Акциониот студенски одбор. Тој бил еден од основачите на македонското народно движење МАНАПО.

Во 1938 година се обидел да се префрли во Шпанија за да се бори во интернационалните бригади против фашистичката диктатура на генералот Франко. Дошол до Прага, но не успеал да фати врска, па се вратил во Белград. Поради неговата голема активност и агитација меѓу студентите и работничката младина, во мај 1938 година бил уапсен од белградската полиција и осуден на шест месеци затвор во Ада Циганлија.

За време на летниот распуст во 1939 година, Страшо Пинџур заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев, ја формирале партиската ќелија на КП за Кавадарци и Ваташа, ја обновиле партиската организација која по 1920 година се наоѓала во длабока илегала. По завршувањето на Правниот факултет во декември 1940 година, неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемила.

На 26 март 1941 година дошол во Скопје и заедно со Кузман Јосифовски – Питу и Мирче Ацев учествувале во демонстрациите против приклучувањето на Југославија кон Тројниот пакт. Со нападот на бугарските окупаторски сили на Македонија во април 1941 година, тој се наоѓал во Скопје каде бил назначен за инструктор на ПК на КПЈ за Македонија, а од септември 1941 година бил член на Покраинскиот воен штаб. Тој бил задолжен да ја зајакне партиската структура, да формира нови месни комитети и воени штабови, потсетија од Музејот.

Од јуни 1942 година бил член на Главниот Штаб на Македонија. Есента 1942 година бил разбиен велешкиот партизански одред ,,Димитар Влахов”. Страшо Пинџур и Мирче Ацев дошле во Велес да ја консолидираат работата на партиската организација.

На 18 декември се провалени од бугарската полиција во куќата на Јован Митрев, биле уапсени и спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. На четврти јануари 1943 година во Скопскиот областен затвор како последица од силните измачувања од бугарската полиција, Страшо Пинџур умира. Било наредено уште истата вечер телото да биде однесено и закопано некаде на тајно место. Загинал на неполни 28 години. Така завршил животот на еден од најголемите револуционери и политички раководители на Македонија од времето на Втората светска војна. До денес не се знае каде е неговиот гроб. Кога на 24 септември 1943 година на планината Кајмакчалан бил формиран Вториот баталјон во Македонија, името го добил по големиот револуционер и борец Страшо Пинџур. За неговата активност во организирањето на македонскиот народ во борба против бугарскиот фашистички окупатор, Страшо Пинџур е меѓу првите прогласени народни херои во Македонија и Југославија на 29.07.1945 година, велат од Музеј галеријата во Кавадарци.

Во текот на денот, ќе има положување цвеќе на бистата пред спомен куќата на Страшо Пинџур и на новиот споменик во селото Ваташа.

 

извор:Република