Ана Павловска-Данева е нов предлог за уставен судија

0
172

Познатата професорка по управно право на Правниот факултет, Ана Павловска-Данева, е новиот предлог на СДСМ за уставен судија. Овој предлог, кој е ставен на дневниот ред на денешната седница на собраниската Комисија за избори и именувања, доаѓа откако Владата се откажа од поранешниот јавен обвинител Љубомир Јовески. Неговата кандидатура беше ефикасно спречена од опозицијата со бескрајни дискусии и постојани продолжувања и одложувања на седниците.

Ана Павловска-Данева едно време беше дел од структурите од СДСМ, беше пратеник и потпретседател во времето кога Бранко Црвенковски се врати на чело на партијата по завршувањето на неговиот мандат како шеф на државата. По доаѓањето на Зоран Заев на чело на СДСМ Павловска-Данева се дистанцираше од партиските активности.

Таа важи за еден од најдобрите професори на Правниот факултет и луциден аналитичар за начинот на кој функционира администрацијата во државата.

Пред еден месец уште една редовна професорка на Правниот факултет, Јадранка Дабовиќ-Анастасовска беше избрана за уствна судијка. Поради нејзиниот углед во академската сфера изборот на Дабовиќ-Анастасовска помина мазно и брзо и во Комисијата за избори и именувања и на пленарната седница на Собранието.

Доколку помине предлогот за Ана Павловска-Данева Уставниот суд по долги месеци ќе биде конечно комплетиран.