Започна судењето за масовното убиство во основно училиште во Белград, родителите на малолетникот негираа вина

Мајката и таткото на малолетникот К.К., кој на почетокот на мај минатата година уби девет деца и училишен чувар во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград, на денешното судење во Вишиот суд негираа вина, пренесува Радио Телевизија Србија (РТС)

Против К.К. не се води кривична постапка, бидејќи во моментот кога го извршил масовното убиство имал 13 години.

На почетокот на октомври, вишото јавно обвинителство (ВЈТ) во Белград поднесе обвинителен акт против В.К. и М.К., родител на малолетник кој на 3 мај изврши масовно убиство.

Таткото беше обвинет за тешко кривично дело против општата безбедност. Се сомнева дека го обучувал детето како да ракува со оружје, како и дека не обезбедил услови за чување огнено оружје.

Против мајката на малолетниот напаѓач е поднесен обвинителен акт за сторено кривично дело недозволено изработување, држење и продавање оружје.

Со обвинението на обвинителството во Белград, беше предложено таткото на малолетникот К.К. да биде осуден на затворска казна од 12 години, а мајката на казна затвор од две и пол години.

Покрај родителите, во обвинението се вклучени и сопственикот и инструкторот на стрелачкиот клуб, во кој, според обвинителството, В.К. го носел својот малолетен син да вежбаат гаѓање на подвижни мети.

За сопственикот и инструкторот, Вишото јавно обвинителство во Белград бара затворски казни од по три години за давање лажни изјави во текот на истрагата, пренесува Н1.

На првото рочиште од судењето на родителите на малолетниот К.К, беше одлучено целиот главен претрес да биде затворен за јавноста, јавува Н1.

Забрането е да даваат изјави сите кои учествуваат во постапката, бидејќи тоа е кривично дело.

Како што јави Н1, обвинителството побарало да се затвори судењето паради заштита на малолетниците, иако целокупната одбрана на родителите на К.К. беше за отворање на судењето за јавноста.

Адвокат на родителите, Боривоје Боровиќ, изјави дека е против тоа да биде затворено за јавноста, бидејќи медиумите секако ќе известуваат за случајот, без разлика дали е отворен или затворен.

Адвокатите на одбраната не им поставија прашања на малолетниците кои беа сведоци на рочиштето, ниту пак ќе продолжат да го прават тоа, пренесува Н1.

На масовното пукање во белградското основно училиште Србија одговори со низа мерки – од разоружување на населението до формирање на Совет за борба против врсничкото насилство.

Меѓу мерките е и зголеменото присуство на полициски службеници во училиштата, како и зголемената работа на психолозите и педагозите со децата.

извор: slobodnaevropa.mk