Стотици летови се откажани денес на главните аеродроми во Германија бидејќи персоналот за безбедност започна еднодневен штрајк поради спорот околу платите, јавува Анадолу.
Поради штрајкот откажани се повеќе од 1.100 летови на 11 аеродроми, меѓу кои и на најфреквентниот меѓународен аеродром во земјата, Франкфурт, од што се погодени над 200.000 патници.
Аеродромот во Франкфурт соопшти дека штрајкот ќе предизвика големи прекини и откажувања на летовите во текот на денот, и ги советуваше патниците да не доаѓаат на аеродромот бидејќи безбедносните контролни пунктови се затворени.
„Ве молиме контактирајте со вашата авиокомпанија или патнички оператор за информации во врска со вашиот лет. Патниците кои се за трансфер, исто така, треба да очекуваат големи прекини и доцнења поради штрајкот“, се наведува во соопштението на аеродромскиот оператор.
Големи прекини и откажувања на летови се очекуваат и на аеродромите во Хамбург, Бремен, Хановер, Берлин, Келн/Бон, Дизелдорф, Лајпциг/Хале, Дрезден, Ерфурт и Штутгарт.
Властите соопштија дека персоналот за безбедност на аеродромите во Минхен и Нирнберг нема да се приклучи на штрајкот, но и покрај тоа доцнењата и откажувањата на летовите сè уште се можни поради прекините на летовите низ целата земја.
Синдикатот Ver.di го најави предупредувачкиот штрајк претходно оваа недела, откако третиот круг преговори за колективниот договор со Федералната асоцијација на компании за воздухопловна безбедност не даде резултат.
Синдикатот, кој претставува околу 25.000 вработени во обезбедувањето, бара зголемување на платите од 2,80 евра на час, зголемени бонуси и повисоки стапки за прекувремените часови работа.
извор:Анадолу.
фото:Анадолу.