Бројката на загинати во пожарот во Валенсија се зголеми на 10

0
130

Пожарникарите и полицијата досега ги открија телата на 10 лица настрадани во пожарот што зафати две станбени згради во Валенсија, пренесува Анадолу.

Пилар Бернабе, официјална претставничка на владата на Шпанија, изјави дека жртвите се идентификувани по првиот преглед на јагленисаната зграда, кој е завршен 24 часа по избувнувањето на пожарот.

„Не можеме да ја занемариме можноста од уште жртви. Ќе има уште инспекции“, изјави Бернабе.

Четири жртви се од исто семејство – татко, мајка, тригодишно девојче и новороденче, објави шпанскиот дневен весник „El Pais“.

Претседателот на владата на шпанската автономна заедница Валенсија, Карлос Мазон, изјави дека 15 лица се повредени, од кои 5 пожарникари. За среќа никој од нив не е во тешка состојба.

Пожарникарите во четгвртокот успеаја да спасат две лица кои стоеле на балконите. Еден пожарникар мораше да скокне од вториот кат бегајќи од огнот.

Експертите за шпанските медиуми изјавија дека зградите биле обложени со полиуретан – истиот материјал што бил користен за изолација на кулата Гренфел во Лондон, која изгоре во 2017 година. Во пожарот што избувна во кулата Гренфел животот го загубија 72 лица.

Сцените во двата пожари се слични – зградата и во Лондон и во Валенсија ја зафати пожар во рок од 30 минути од неговото избувнување, а се издигаа густи облаци од црн чад.

„Полиуретанот на фасадата ја претвори зградата во камин. Тоа е синтетички материјал кој овозможува добри топлотни перформанси, но е запалив“, рече за весникот „El Mundo“ проценителот на осигурувањето Хуан Антонио Диего.

Медиумите пренесуваат дека пожарот избувнал на осмиот кат и се проширил на две станбени згради во кои живееле околу 450 луѓе.

Во Валенсија е прогласена тридневна жалост, што вклучува и суспендирање на првите настани на познатиот фестивал „Las Fallas“.

извор:Анадолу.
фото:Анадолу.