(ВИДЕО) Пијан полицаец се истепал во казино – Тошковски објави ВИДЕО од насилството

Дисциплинска постапка против 4 лица и времена мерка – отстранување од работно место за едно лице, полициски службеник во ПС за ГП Деве Баир, најави министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, објавувајќи и видео од инцидентот.

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднесе предлог за поведување дисциплинска постапка против четири лица. Предлогот за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност, следува по претходно примено известување за поднесена кривична пријава против полициски службеник Д.П. на работно место полицаец во ПС за ГП Деве Баир за кривично дело „насилство“ и пријава за констатиран прекршок од страна на полициски службеник Н.Д. на работно место полицаец во ПС за ГП Деве Баир, истакна тој.

Од страна на ПС ОН Куманово примена е пријава за нарушување на јавниот ред и мир во казино на подрачјето на Куманово. По преземените мерки од страна на ПС ОН Куманово констатирано е дека станува збор за лицата Д.П. и Н.Д. распоредени на работно место полицаец во ПС за ГП Деве Баир.

По расчистување на настанот против полициски службеник Д.П. поднесена е кривична пријава поради основано сомнение за сторено кривично дело „насилство“, кај кого по приведувањето во полициска станица агресивно се однесувал кон полициските службеници и кај кого по алкотестирање е утврдено присуство на алкохол во крвта, додека против полициските службеник Н.Д. поднесено е барање за поведување прекршочна постапка бидејќи истиот во алкохолизирана состојба со викање го нарушил јавниот ред и мир.
Против двете лица иницираната е постапка за утврдување дисциплинска одговорност, а додека за полицискиот службеник Д.П. задолжителна мерка – отстранување од работното место и одземање на оружје.
Дополнително, при преземање на мерки од страна на полициските службеници од ПС за ОН Куманово, направени се одредени пропусти во постапувањето, со тоа што тие не ги презеле неопходните потребни службени дејствија. Во таа насока доставен е предлог за поведување постапка за утврдување дисциплинска одговорност против лицата Д.К. и Ф.М. полициски службеници во ПС за ОН Куманово, истакна Тошковски.