Штрајк на безбедносниот персонал утре (четврток, 07.03.2024) во голем дел ќе ги парализира најголемите аеродроми во Германија – Франкфурт и аеродромот Хамбург.
„Фрапорт ги замолува сите патници кои имаат авионски билет за полетување од Франкфурт на 7 март, да не доаѓаат на аеродромот и да ја контактираат својата авиокомпанија”, објави во средата аеродромскиот оператор.
Се очекуваат значителни нарушувања на редот на летање во текот на целиот ден, како и откажувања на летови. Полетување од аеродромот во Франкфурт на денот за штрајк не е можно. Од 1.170 планирани летови за четврток, веќе се откажани околу 650.
Аеродромот во Хамбург објави дека сите 141 полетувања планирани за четврток се анулирани. Аеродромот очекува бројни пререзервации за петок и следните денови.
Аеродромското здружение АДВ го опиша прекинот на работата како натамошна ескалација на штрајковите во воздушниот транспорт, преку кои на репутацијата на Германија како деловна и туристичка локација непотребно и` се предизвикува голема меѓународна штета. На национално ниво според АДВ, над 250.000 патници се засегнати од откажување на летови.
Штрајкувачко расположение владее исто така кај кабинскиот екипаж на авионската компанија Луфтханза и нивната подружницата Луфтханза СитиЛајн. Во изјаснувањето, членовите на синдикатот на кабинскиот персонал, НЛО, со големо мнозинство се за прекин на работата. „Високиот одѕив на гласањето ни покажува дека нашите членови јасно се согласуваат со нашите барања“, изјави шефот на НЛО, Јоаким Васкез Бургер.
Со оглед на паралелните штрајкови, патниците во Германија се соочени со сериозни ограничувања. Синдикатот Верди покрај штрајкот на копнениот персонал на Луфтханза повика и на штрајк на вработените во обезбедувањето на аеродромите во Франкфурт и Хамбург. За четврток на двата аеродрома е планиран целодневен штрајк на вработените во контролата на луѓето и стоката и во услужните области.
Синдикатот бара зголемување на платите од 2,80 евра на час, повисоки функционални додатоци и надоместоци за прекувремена работа за период од една година.
Покрај штрајковите на аеродромите, во исто време има и штрајкови во железницата. Синдикатот на машиновозачите по неуспехот на колективното договарање со Дојче бан од среда навечер и четврток наутро повторно ќе штрајкува, а и потоа – во бранови без најава.
DW