Левица ги објави кандидатските листи – еве ги носителите по изборни единици

Политичката партија Левица ги објави носителите на кандидатските листи во шестте изборни единици, под слоганот неподмитливите.

Еднаш засекогаш ќе ги предизвикаме политичките елити кои управуваат со нашите животи и ќе ја вратиме политиката моќ во рацете на работничката класа. Нашите носители и идни пратеници во Собранието на Република Македонија ќе бидат гласот на народот во Собранието, како што докажаа и нашите досегашни пратеници. Од нас сите зависи силата со која ќе го вратиме ударот и судбината која сами ќе ја создадеме. Никогаш повеќе да не владеат над нас криминалот, корупцијата и профитот, порачаа од партијата.

Носител во изборната единица 1 е претседателот на Левица, Димитар Апасиев кој е пратеник во Собранието, доктор на правни науки и професор на Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип.

Носител во изборната единица 2 е Амар Мециновиќ, портпарол на Левица, член на Президиумот на Партијата и член на Советот на Град Скопје, активист за социјална правда и сочувување на животната средина.

Носител во изборната единица 3 е Борислав Крмов, пратеник во Собранието на Република Македонија, член на Президумот на Левица и долгогодишен борец за социјална правда.

Носител во изборната единица 4 е Сашко Јанчев, магистер по кривично право, член на централниот комитет и советник на Левица во Општина Гевгелија. Тој е повеќегодишен борец за заштита на животната средина со фокус на југот на државата и борбата за Кожув да е национален парк.

Јована Мојсоска, дипломиран криминолог по финансиски криминал и генерален секретар на Левица е носителка во изборната единица 5. Таа е долгогодишен борец за социјална правда и заштита на животната средина и животните.

Носител во изборната единица 6 е Игор Димески, раководител на Сектор за енергетика и советник на Левица во Општина Центар.

извор: slobodenpecat.mk