Обновата на катедралата Нотр Дам во Париз треба да заврши оваа година

Се очекува оваа година да заврши обновата на катедралата Нотр Дам, еден од историските симболи на градот, оштетена во пожарот на 15 април 2019 година во Париз, главниот град на Франција, јавува Анадолу.

Работата на реставрација на катедралата, која пред пожарот годишно ја посетуваа околу 14 милиони туристи, траe веќе пет години.

Работите на обновата на 800 години старото историско наследство во главниот град Париз стигна до својата завршна фаза.

Се очекува катедралата, една од најпосетуваните историски градби во Франција, повторно да ги отвори вратите за посетителите на 8 декември.

Речиси 1.000 парчиња дрво што го сочинуваат скелетот на 96-метарската кула се направени од столари во работилница во покраината Лорен.

Потоа скелетот на кулата е поставен на историската катедрала и покриен е со олово. Тежината на новата кула е 600 тони.

Продолжува чистењето на околу 8.000 цевки на оргулите кои беа зафатени од пожарот во катедралата.

Покрај чистењето на внатрешноста на објектот, при крај се работите и на санацијата на урнатите сводови и ѕидови.

Исчистени се и витражите, кои се важни елементи на готскиот стил на катедралата.

Некои од статуите кои по пожарот се отстранети од зградата се поставени на нивните поранешни места во катедралата откако се вратени во првобитната состојба.

Катедралата повторно доби дрвена проповедница, која беше тешко оштетена во 2019 година.

Пожар од непознати причини избувна на 15 април 2019 година во катедралата, која се смета за симбол на христијанството во Франција, чии темели ги поставил папата од тој период во 1163 година, а за нејзино завршување биле потребни 300 години.

Една од кулите високи 96 метри и покривот на катедралата, кој за кратко време беше зафатен од пламен, целосно се урна, а зградата беше сериозно оштетена.

Рекордна сума на донации од 844 милиони евра е собрана од целиот свет за обнова на катедралата.

Семејствата Арно, Бетенкур и Пино, едни од најбогатите семејства во земјата, се едни од оние кои дадоа големи донации за обновување на историското место за богослужба.

Повеќе од 100 компании придонесоа за процесот на обнова, а реставратори на историскиот објект се различни занаетчии, мајстори за камен и стакло и столари.

Приближно 500 луѓе работат на главното градилиште, а оваа бројка изнесува и на над 1.000 кога ќе се додадат оние кои работат во различни работилници низ земјата во изработката или обновата на делови од катедралата, како што се кулата, стаклото и сликите.

Филмот на францускиот режисер Жан-Жак Ано, „Нотр Дам гори“, за пожарот во катедралата, беше објавен на 16 март 2022 година.

извор:Анадолу.

фото:Анадолу.