Во моментов немаме нови барања. Постојано ја следиме состојбата. Утринава повторно имав разговор со нашиот амбасадор во Израел. Имало некои информации дека во текот на ноќта Израел го има нападнато Иран, меѓутоа сè уште не се потврдени и затоа не ве информирав по тоа прашање, изјави денеска шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за состојбата на Блискиот исток.
Oва следува откако иранската воздушна одбрана собори три, наводно израелски дрона во Исфахан, соопштија властите на Техеран. Нуклеарните постројки се безбедни, нападот бил насочен кон воздухопловната база. Според медиумите, изутрина се слушнале неколку силни експлозии, но останува нејасно дали земјата е нападната.
Османи порача дека во МНР немаат ново барање ниту преку СОС телефонот ниту преку македонската амбасада за евакуација.
Тој посочи дека САД денеска има препорака до нивните граѓани да не го напуштаат Тел Авив и главните центри на Израел поради можни напади. Најави дека денеска и нашето МНР ќе упати порака за претпазливост до нашите државјани таму.
-Во текот на денот и ние ќе ги информираме нашите граѓани иако постојано сме во комуникација со тие што се таму, рече Османи.
Израелскиот премиер Нетанјаху претходно разговараше со официјалните лица од разузнавачките единици на Мосад и Шин Бет истакнувајќи дека Израел останува посветен да ја победи терористичката оска во газа, да ги ослободи заложниците и да ја одбие севкупната закана од Иран.