Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во подкастот „Каде се парите“ говорејќи за проектот со 250 милиони евра годишно, односно 1 милијарда евра во 4 годишен манда, за проекти за општините изјави дека целта е работата на владата да стигне до секој дом и да нема повеќе општини без елементарни услови за живот.
Мицкоски посочи дека многу често во Македонија се запоставени граѓаните со сите нивни потреби коишто се од дневен карактер појаснувајќи дека многу луѓе бегаат од метежот во други општини, а таму нема основна комунална инфраструктура, нема атмосферска, нема фекална канализација, нема асфалтирани патишта, нема вода, односно нема елементарни услови за живот.
– Ние велиме, добро дајте луѓе општината нека направи проект, проектот има проектантска цена, како држава ќе објавиме јавен повик, општината ќе конкурира со тој проект и државата директно ќе го финансира проектот. Сакаме да ја доближиме работата на владата до секој дом, истакна тој.
Мицкоски посочи дека целта е работата на идната влада од ВМРО-ДПМНЕ да стигне до секој дом.
– Еве конкретно проект еден ќе дадам. Затоа што нема капацитет општината да го направи тоа затоа што фискалната децентрализација не е завршена. Не може општината да си дозволи многу такви проекти. Секогаш го зборувам село Трпејца во Охрид надвор од колекторскиот систем, многу познато туристичко место и напати го нарекуваат и го споредуваат со македонското Сен Тропе. Таму нема канализационен систем, се снаоѓаат кој како знае и умее и ветувано е тоа со години и со години дека ќе се направи. Јас отидов при една од акциите теренски на ВМРО-ДПМНЕ, ветивме, општината го сработи тој проект заедно со високообразовна институција, сега го имаме тој проект којшто чини многу пари, три милиони евра можеби чини. Ако гледаме од интересот на државата можеби не е толку голем проектот бидејќи станува збор за 150-200 куќи, ако гледаме од тој аспект, но за нас тоа многу ќе значи затоа што прво го чуваме езерото, македонскиот бисер, рече Мицкоски.
Мицкоски потенцира дека покрај жителите од тоа корист ќе има и туризмот
– Тоа е суштината. И такви проекти во моментов во општините каде што се градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи таму можеме подиректно да комуницираме, коишто се составен дел од програмата „Платформа 1198“ се повеќе од 700, нагласи Мицкоски.
Мицкоски воедно додаде дека од сегашната генерација на градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ има примери каде што ги одблокирале тие општини, а истовремено и општини каде што се наследени долгови, но се вратени делумно и работат.