Климатските промени веројатно ќе предизвикаат зголемен број на екстремни временски настани низ целата планета. А најлошото допрва доаѓа.

Поплави и топлотни бранови низ Африка, поплави во јужен Бразил, суша во Амазон и екстремни горештини низ Азија, вклучително и Индија…

Вестите се полни со алармантни извештаи за лошо време оваа година. И со добра причина.

Досега, 2024 година беше особено лоша кога станува збор за екстремни временски услови – суши, екстремни горештини и поплави кои предизвикаа сериозна штета на здравјето и егзистенцијата, според Светската метеоролошка организација (СМО).

„Речиси секој регион во светот се соочува со екстремни временски и климатски настани од различна природа“, вели за ДВ експертот за климата на СМО, Алваро Силва.

Иако секој екстремен временски настан не може да се припише на климатските промени, тие стануваат сѐ поверојатни и поинтензивни поради емисиите на гасови произведени од согорувањето на јаглен, нафта и гас, кои предизвикуваат таканаречен ефект на стаклена градина.

Која е врската помеѓу климатските промени и времето?
Климатските промени го зголемуваат испарувањето и на тој начин повеќе водена пареа доаѓа до атмосферата. Ова е причина за поинтензивни врнежи од дожд и поплави во некои области, или поекстремни суши во други. Потоплите температури на океаните ги интензивираат тие климатски обрасци, а генерално повисоките температури доведуваат до почести топлотни бранови.

Тоа има катастрофални последици за глобалните временски обрасци, што резултира со различни ефекти ширум планетата.

„Не е само фреквенцијата и интензитетот она што се случува, туку и промените во времето и времетраењето на тие екстреми“, вели Алваро. „Веќе не знаеме што е нормално кога станува збор за климата, бидејќи гледаме сѐ поекстремни временски прилики”.

Кои екстреми се предизвикани од климатските промени, а кои не?
Влијанието на климатските промени може да се види ако се набљудуваат долгорочните временски трендови, но утврдувањето на нивната улога во конкретни временски настани дури неодамна стана возможно.

ДВ анализираше три главни временски настани оваа година за да види дали климатските промени се одлучувачки фактор.

Дали постои врска помеѓу климатските промени и жештините во Индија?
Во април и мај, Индија, како и многу делови од Азија, беше погодена од екстремни горештини. Во делови од таа земја се забележани температури и до 47 Целзиусови степени, што доведе до поголем број на смртни случаи, но и до ширење на сиромаштијата.

DW