Новини во Владата: Ќе има Министерство за спорт, но и уште едно ново министерство

Македонската Влада ќе добие нови министерства, а дел од постоечките ќе претрпат реорганизација.

Во Собранието се прават подготовки за измени на Законот за организација на работата на органите на државната управа за да може да се изгласа новата реорганизирана влада и да се изберат нејзините членови, објави skopjeinfo.mk.

За да се донесат измените на овој закон потребно е двотретинско мнозинство или 80 пратеници, а според сегашната математика, коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ (58) со Вреди (14) и ЗНАМ (6) заедно имаат 78 пратеници.

ВМРО-ДПМНЕ во својата изборна програма „Платформа 1198“, најави реорганизација на министерствата.

Новина ќе бидат отворањето на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини, што досега било само сектор во Министерството за економија, и трансформација на Агенцијата за млади и спорт во Министерство за спорт.

Секторот млади треба да влезе во Министерството за социјална политика, демографија и млади, а ресорот труд да влезе во Министерството за економија и труд, а оттаму да се издвои туризмот и да биде дел од Министерството за култура.

Министерството за информатичко општество и администрација треба да стане Министерство за дигитална трансформација.

 

Извор: skopjeinfo.mk