Поранешниот астронаут на Аполо 8, Вилијам Андерс, загина во авионска несреќа кај Сиетл

Поранешниот астронаут на Аполо 8, Вилијам Андерс, загина во авионска несреќа во близина на Сиетл доцна синоќа на 90-годишна возраст, пренесува Анадолу.

Смртта на Андерс ја потврди неговиот син, Грегори Андерс, кој за Си-ен-ен изјави дека неговиот „тато загинал во авионска несреќа на островите Сан Хуан“, во сојузната држава Вашингтон, објави Си-ен-ен.

„Семејството е во тага поради загубата на големиот пилот“, истакна Грегори Андерс.

Инцидентот се случил во близина на брегот на островот Џонс, според канцеларијата на шерифот на округот Сан Хуан, соопшти Си-ен-ен.

Диспечерскиот центар добил дојава околу 11:40 часот по локално време за постар модел на авион кој летал на југ пред да падне во водите во близина на северниот крај на островот Џонс и да потоне, додаде канцеларијата.

Американската крајбрежна стража, исто така, објави дека извршила пребарување во должина од 215 наутички милји (398 километри), при кое го нашле и извлекле телото на пилотот со помош на нуркачки тим.

– Кој е Вилијам Андерс?

Вилијам Андерс е роден на 17 октомври 1933 година во Хонг Конг, а дипломирал на Американската поморска академија во 1955 година, каде што се стекнал со „пилотските крилја“ следната година откако е примен во воздухопловните сили на САД.

Како пилот на борбен авион служел во Калифорнија и Исланд и раководел со програмите за заштита на реактор на нуклеарна енергија и радијационите ефекти во Лабораторијата за оружје на воздухопловните сили во Ново Мексико, според НАСА.

Избран од НАСА за астронаут во 1964 година, Андерс беше резервен пилот за мисијата Џемини 11 и Аполо 11, со повеќе од 6.000 часа летање.

Во декември 1968 година, тој орбитираше околу Месечината во мисијата Аполо 8 со Џим Ловел и Френк Борман, фотографирајќи ја познатата фотографија „Изгрев на Земјата“, која ја опиша како клучен момент во човечката историја. „Го поминавме цел овој пат за да ја истражиме Месечината, а најважно е што ја откривме Земјата“, рече тој.

Покрај неговите вселенски мисии, Андерс беше и извршен секретар на Националниот совет за аеронаутика и вселена од 1969 до 1973 година и беше назначен за прв претседател на Нуклеарната регулаторна комисија од претседателот Џералд Форд.

Зад Андерс останаа сопругата, две ќерки и четири сина.

извор: Анадолу.

фото: Анадолу.