На 15 јуни 2024 година се одржа 15-тата традиционална средба на Македонците од с. Горно Крчишта, Општина Маќеларе во Албанија.
Македонска средба секоја година се одржува по повод големиот христиански празник Спасовден кај црквата Свети Спас во Горно Крчишта. Оваа црква датира од 1232 година и од страна на албанската држава е прогласена за споменик на културата.
Националниот совет за реставрација на Албанија во април 2020 година најави дека ќе ја реставрира црквата „Свети Спас“ во село Горно Крчиште. Според информацијата, усвоениот проект од страна на Националниот совет за реставрација предвидуваше реставрација на конструктивните елементи на црквата. Овој божји храм е прогласен за споменик на културата под заштита на државата во 1970 година. Ѕидовите се изградени од камен поврзани со варен малтер, а на нив има ретко вредни фрески кои се оштетени.
За жал, и покрај таквите најави и покрај статусот на заштитен споменик на културата, црквата Св. Спас денес е оставена на забот на времето.
Од друга страна, државните институции од областа на заштита на државното културно наследство не дозволуваат македонското население да помогне во нејзината заштита. Тоа предизвикува големо негодување од страна на наследниците на македонските жители кои потекнуваат од Горно Крчиште.
Како и секоја година така и оваа, на одбележувањето на Спасовден во Горно Крчишта се одржа и богослужба на македонски јазик на која присуствуваа Македонци од Ербеле и Крчишта. Присутни беа и Македонци по потекло од споменатите села а кои се исселени во различни градови на Албанија и Македонија.
Богослужба македонски јазик одржа свештеникот Ристо Камбуроски по потекло од Крчишта.
И во оваа прилика беше спомната улогата на македонските претставници во Албанија кои никогаш не покажале интерес да им помогнат на Македонците од Горно Крчишта за зачувување на црквите Св. Спас и Св. Димитрија, во селото чии покриви се во очајна состојба.
vesnik-ilinden.com