Собранието на Северна Македонија денеска на 22 јуни во 11 часот ќе ја започне седницата за избор на новата влада, предложена од Христијан Мицкоски, мандатар и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски го поднесе предлогот за состав на владата и програмата на 18 јуни. Собраниската расправа за избор на новата влада треба да заврши до недела на полноќ, со оглед на тоа дека Деловникот на законодавниот дом предвидува седницата да трае најмногу два дена.
Мандаторот Мицкоски денеска ќе ја образложи програмата и предлогот за состав на Владата, по што во Собранието се води единствен претрес.
Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата со јавно гласање. Владата ќе биде избрана доколку за неа гласале мнозинството од вкупниот број пратеници.
Потоа, претседателот на Собранието треба да ја извести претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за изборот на Владата.
Парламентарното мнозинство кое се очекува да ја поддржи новата Влада во законодавниот дом брои 78 пратеници – 58 од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, 14 пратеници од коалицијата Вреди и шест од Движењето ЗНАМ.
Влада скроена од 24 члена
Идната влада, вклучувајќи го и Христијан Мицкоски како премиер, ќе брои 24 членови.
Во неа ќе има пет вицепремиери и само три жени министерки.
Во владиниот кабинет, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.
Панче Тошковски, кој досега беше технички министер за внатрешни работи ќе продолжи да го води ова министерство.
Александар Николоски е е партиското решение во ресорот транспорт, а ќе биде и вицепремиер. Владо Мисајловски, кој претходно беше министер за транспорт и државен секретар во МНР, сега ќе го предводи Министерството за одбрана.
Тимчо Муцунски, од градоначалник во Аеродром ќе се пресели во Министерството за надворешни работи, кое со реорганизацијата ги доби и ингеренциите за надворешна трговија.
Четвртата потпретседателка на партијата, Гордана Димитриеска Кочоска, пак, ќе биде министерка за финансии. Таа веќе беше дополнителна заменик-министерка во овој ресор во претходната техничка влада предводена од Оливер Спасовски.
Другите две жени во владата на Мицкоски ќе бидат Весна Јаневска во Министерството за образование и наука и Сања Божиновска во новоформираното Министерство енергетика, рударство и минерални суровини.
Со новото Министерство за спорт ќе раководи поранешниот ракоментен голман Борко Ристовски. Прв човек на Министерството за култура ќе биде актерот Зоран Љутков кој е актуелен претседател на Советот на Општина Велес.
Вицепремиерски места ќе имаат Љупчо Димовски, претседателот на Сoцијалистичката партија кој ќе биде и министер за политички систем, а Иван Стоиљковиќ, претседателот на Демократката партија на Србите ќе биде вицепремиер задолжен за односи со заедниците.
Шабан Салиу ќе биде министер без ресор задолжен за интеграција и имплементација на декадата на Ромите.
За министер за животна средина и просторно планирање и заменик претседател на Владата е предложен Изет Меџити од коалицијата Вреди.
За министер без ресор и заменик претседател на Владата задолжен за добро владеење е предложен Арбен Фетаи, за министер за здравство Арбен Таравари, а Орхан Муртезани е предложен за министер за европски прашања. За министер за социјална политика, демографија и млади е предложен Фатмир Лимани, а за министер за економија Бесар Дурмиши.
Од Движењето ЗНАМ, Игор Филков ќе биде министер за правда додека Горан Минчев за министер за јавна администрација.
Со изгласувањето на новиот владин состав во Собранието, прекинува мандатот на техничката влада.
Христијан Мицкоски ќе биде 13-тиот премиер на Северна Македонија.