Метеопредупредување, од утре (среда) па се до петок уште посилно невреме очекуваме во Македонија

Почитувани наши, од утре среда 26.6.2024 до петок 28.6.2024 територијата на Македонија позначително ќе подпадне под влијание на циклонската активност која е со центар над Средоземјето. Токму поради ова во поголем дел од Македонија ќе биде многу нестабилно со честа појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално ќе наврне позначително количество на воден талог, па така можни се  и локални поројни поплавувања.

Исто така, на повеќе места во Македонија ќе има појава на силно невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни грмежи и електрични празнења како и со појава на град кој би можел да биде и крупен. Токму поради ова апелираме на крајна претпазливост, односно во случај на појава на силно невреме  и електрични празнења да не се претстојува на отворен простор  и под осамени дрвја. Исто така во случај на појава на силен и крупен град автомобилите да се заштитат.

И во Скопскиот регион ќе има почеста појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината повторно ќе има услови за појава на посилно невреме.

Што се однесува до температурите тие во деновите кои се пред нас ќе бележат тенденција на опаѓање, па така најниски дневни температури очекуваме во петок кога ќе биде  и најпријатно со температури од 26 до 34 степени.

Следете ја алатката за рано предупредување од невреме во вашето место “НОТАС” на следниот линк https://nothas.finki.ukim.mk/

-пишува во новата објава метеопрогнозерот Славчо Попоски.

 

meteoalarm.mk