Под влијание на ладен атмосферски фронт поврзан со циклонска активност со центар некаде над Италија утре (вторник) 2.7.2024 во попладневните и во вечерните часови повторно атмосферата во Македонија позначително ќе се дестабилизира, а со тоа од север ќе започне да пристигнува значително посвеж воздух.
Во ваква ситуација, кога топлиот воздух под чие влијание сме сега ќе се судри со значително посвежиот воздух од север утре попладне и навечер на повеќе места во Македонија ќе дојде до развој на конвективна облачност проследена со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално повторно ќе има појава на посилно невреме проследено со обилен пороен дожд за кратко време и истиот би можел да предизвика локални поројни поплавувања, исто така невремето ќе биде проследено и со силен ветер, силни грмежи и електрични празнења и со појава на град кој би можел повторно да биде крупен.
И во делови од Скопската котлина утре попладне и навечер можна е појава на невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветер, силни и чести електрични празнења и со појава на град.
Што се однесува до температурите, тие утре во текот на денот ќе се искачуваат во интервалот од 28 до 36 степени, меѓутоа кон крајот на денот и во текот на ноќта кон среда тие ќе бележат тенденција на позначително опаѓање, па така во среда и во четврток ќе биде значително посвежо и променливо со повремен локален пороен дожд, грмежи и повремено умерен до засилен северен ветер.
Поради очекуваната нова поголема дестабилизација на времето и очекуваното невреме утре попладне и навечер, апелираме граѓаните да бидат крајно претпазливи, односно во случај на појава на невреме и на електрични празнења да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така во случај на појава на силен ветер и на крупен град автомобилите навремено да се заштитат, стои во новата анализа од метеопрогнозерот Славчо Попоски.