Фудбалерите на Туркије синоќа во Лајпциг ја совладаа Австрија со резултат 2:1 и со тоа станаа последната селекција што се пласираше во четвртфиналето на Европското првенство во Германија, ЕВРО 2024, известува Анадолу.
Туркије поведе со 1:0 уште во првата минута со голот на Мерих Демирал по изведениот корнер.
Избраниците на тренерот Винченцо Монтела до водство од 2:0 дојдоа во 59. минута, повторно по прекин на играта. Стрелец и на вториот погодок беше Демирел, овојпат со извонреден скок и удар со глава.
Австрија го намали резултатот на 2:1 во 66. минута со голот на Михаел Грегорич. Австријците имаа неколку шанси за израмнување на резултатот до крајот на натпреварот, а најголемата беше во последната минута од судиското надополнување, кога Баумгартнер се обиде со удар со глава, но голманот на Туркије, Мерт Ѓунок, го запре неговиот удар.
– Холандија подобра од Романија
Холандските фудбалери вчера ја совладаа Романија со резултат 3:0 и се пласираа во четвртфиналето на Европското првенство во Германија.
Холандија и Романија го одиграа натпреварот од осминафиналето на ЕВРО 2024 на Алијанц арената во Минхен.
Првото полувреме на овој натпревар помина во доминација на Холанѓаните, кои во неколку наврати се заканија, а во 20. минута Коди Гакпо постигна гол за водство од 1:0.
Во 83. минута Дониел Мален ја доведе Холандија во водство од 2:0, а потоа во 93. ја затресе романската мрежа по вторпат и ја потврди победата на својот тим.
– Четвртфинални средби
Со овие две победи познати се сите четвртфиналисти на ЕВРО 2024. Меѓу осумте најдобри фудбалски селекции на Стариот Континент се Туркије, Холандија, Шпанија, Германија, Англија, Швајцарија, Франција и Португалија.
По денешните натпревари следува пауза од два дена, а турнирот ќе продолжи на 5 и 6 јули со четвртфиналните натпревари. Се среќаваат:
5 јули (петок)
18:00 Шпанија – Германија
21:00 Португалија – Франција
6 јули (сабота)
18:00 Англија – Швајцарија
21:00 Холандија -Туркије.