Хрватска, Албанија и Србија со најмногу казни поради испади на навивачите на ЕП

0
93

Фудбалските сојузи на Хрватска, Албанија и Србија добија најмногу казни од Европската фудбалска федерација (УЕФА) поради испади на навивачите за време на тековното Европско првенство во Германија, пренесува агенцијата Бета.

На прво место е репрезентацијата на Хрватска со вкупна казна од 220 000 евра. На второ место е Албанија со 171 000 евра, додека Србија е трета со вкупно 166 000 евра.

За време на групната фаза на натпреварувањето, УЕФА изрече казни во вкупен износ од над 1,2 милиони евра, вклучувајќи 719 375 евра за фрлање предмети на теренот. Навивачите на стадионот плаќаат капар од три евра при купување пиво, кој може да го вратат доколку ја вратат пластичната чаша. Сепак, голем број пехари завршуваа на теренот, а главна мета беа противничките играчи, особено при изведување корнери.

Првите пластични чаши летаа на теренот веќе на првиот натпревар меѓу Германија и Шкотска, а од 36 групни натпревари, на 25 дуели навивачите фрлаа чаши на теренот.На седум од тие 25 натпревари, навивачите на двете репрезентации биле одговорни за фрлање предмети.

Поради фрлање предмети, најлошо поминаа Унгарија, Швајцарија, Хрватска и Србија, кои добија казни во сите три натпревари во групата. Други прекршоци кои УЕФА ги санкционираше вклучуваат ракети, палење димни бомби, упад на терен, употреба на ласери и несоодветни пораки.

Во елиминациската фаза не се пласираа репрезентациите на Хрватска, Албанија и Србија. Сите три репрезентации беа елиминирани по натпреварите во групата.

Досега само три репрезентации, Франција, Шпанија и Словачка не се казнети на Европското Првенство.

 

slobodnaevropa.mk