Мицкоски ја предводи македонската делегација на Самитот на НАТО во Вашинтон

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заедно со делегација од Владата во чиј состав се министерот за одбрана Владо Мисајловски, министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски како и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ја започнува официјалната посета на САД, каде што ќе учествува на Самитот на НАТО и ќе оствари бројни билатерални средби со високи американски и меѓународни лидери.

Посетата на Мицкоски, како што информираат од владината прес-служба, има за цел да ги зајакне билатералните односи со САД, да ја афирмира Македонија како стабилен партнер и да ги промовира економските можности на нашата земја пред американските инвеститори.

Мицкоски, како што е најавено, ќе одржи говор на реномираниот Johns Hopkins University- School of Advanced International Studies, по што ќе следуваат средби со претставници од бизнис заедницата во САД. Премиерот ќе има и средби со високи претставници на IRI, конгресмени и сенатори, односно Брендон Бојл и сенаторката Џин Шахин – копретседавачи на Македонската група за пријателство во Конгресот на САД. Во вечерните часови, пак, тој ќе учествува на свечениот настан по повод 75-годишнината на НАТО, што ќе се одржи во Andrew W. Mellon Auditorium.

Македонската делегација исто така ќе учествува и на отворањето на НАТО форумот и ќе присуствува на состаноците на Северно – атлантскиот совет, каде што Мицкоски ќе има прилика за средби со други лидери и изјави за медиуми.

Мицкоски ќе присуствува и на вечерата во Белата куќа организирана за лидерите, а министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за одбрана Владо Мисајловски ќе присуствуваат на специјални вечери организирани од државниот секретар Етони Блинкен и секретарот за одбрана Лојд Остин.

Самитот на НАТО се одржува од 9 до 11 јули во Вашингтон, САД.