Струмичанецот каснат од пајакот „црна вдовица“ закрепнува – бидете крајно претпазливи!

0
102

Пациентот кој вчера беше каснат од пајакот „црна вдовица“ не е во животна опасност. Неговата здравствена состојба е подобрена, но за целосно излекување потребно е да биде хоспитализиран и наредните неколку дена. По вчерашниот случај кога пајакот црна вдовица касна жител на Струмица, денес струмичани се доста вознемирени.

Директорот на токсикологија, Чибишев вели дека нема простор за паника затоа што ова е изолиран случај, но сепак посочи дека граѓаните треба да бидат повнимателни затоа што овој пајак постои и кај нас.

„Апсолутно нема никаков простор за паника. Овие се прилично ретки каснувања, не се од редот на каснување од оси или пчели кои секојдневно ги има во голема бројка. Овие инсекти се кријат на места каде што ретко престојуваат луѓето“, изјави д-р Андон Чибишев, директор на Универзитетска клиника за токсикологија.

Црната вдовица е најотровниот вид пајак во Европа. Убодот е опасен бидејќи отровот на овој пајак е 15 пати посилен од другите пајаци. Мусклулни болки, болки во коските, грчеви во мускулите, главоболка, забрзана работа на срцето и покачување на притисокот, ова се најчестите симптоми при каснување.

По 12 часа симптомите полека се смируваат, но за целосно закрепнување потребни се неколку дена.

Како превентивни мерки се препорачува избегнување на ризични зони, како купишта дрва, камења, места со високо израсната трева како и носење на заштитна облека како ракавици и облека со долги ракави и ногавици.