Наесен првите осуденици со електронски алки

Првично ќе се оспособат 100 алки, а според проценките ќе се стават на нозете на 30-40 осуденици кои би можеле да заминат во куќен затвор и нивното движење да се следи електронски. Тие беа набавени уште во 2015 година со помош од ЕУ и досега државата не успеа да ги стави во употреба. Ако не го направи тоа до крајот на годината ќе треба да се плаќаат милиони евра пенали

За околу два месеци отсега, во Северна Македонија би требало да се стават првите алки на нозете на осудени лица кои затворската ќелија ќе ја заменат со куќен затвор и ќе бидат под 24-часовен електронски надзор.

Овој систем земјава го има на располагање безмалку една деценија. Со помош од Европската Унија е набавен уште во октомври 2015, но досега никако да профункционира и 400 алки, колку што поседува државата, сè уште стојат во фиока.

„Во многу напредна фаза сме. Оптимист сум дека втора половина на септември, еве нека е октомври, сето ова ќе биде спроведено“, вели во разговор со Радио Слободна Европа (РСЕ) новиот директор на Управата за извршување санкции (УИС), Александар Пандов.

И меѓународната заедница бара алките конечно да почне да се употребуваат, а ако до крајот на годинава тоа не се случи, како што потврдува и Пандов, државата би требало да плати пенали. Сума, која според него, би се движела околу 500 000 евра.

 

slobodnaevropa.mk