Битка со огновите од копно и воздух

0
104

Во екстремно високите температури што две седмици ја „печат“ земјата, вчерашниот дожд помогнал да се совладаат неколку пожари, но невремето со силен ветер предизвикал и разгорување на други. Вчера бил формиран регионален кризен штаб за пожарите со седиште во Кавадарци, со кој координира градоначалникот Митко Јанчев, во кој учествувале и градоначалниците на општините, Росоман, Неготино, Радовиш, Штип, Велес, Прилеп и Чашка, како и командирите на противпожарните единици од тие општини.

Вчерашните врнежи помогнале да се неутрализира пожарот кај селото Калањево (неготинско), но поголемиот дел од огнот кој пред десетина дена ја зафати планината Серта – и од неготинска, и од штипска страна, како и пожарите во Радовиш, Росоман, Градско, Клошевица, Мрзен, Подлес, Велес, Чашка, сѐ уште се активни.

Координативниот штаб утврдил потреба од поддршка од копно за пожарите во шест општини, сметајќи на по 20 до 30 припадници на АРМ во секоја од нив, а во Росоман на 30 припадници од полициската Единица за брзо распоредување (ЕБР). Според регионалниот кризен штаб воздушна поддршка за гасење на пожарите денеска (19.7.) е потребна за Штип, Чашка, Росоман и Неготино.

„Јавните претпријатија од сите општини да бидат активни и да обезбедат потребни средства за гаснење на пожарот“, се вели во заклучоците од координативниот состанок на регионалниот кризен штаб, и се потенцира дека тие стануваат правосилни веднаш.

Градоначалникот Јанчев, кој вчера изрази надеж дека до сабота пожарите ќе бидат локализирани, посочи дека за еден од пожарите во кавадаречко има индиции дека е подметнат и за тој случај постапуваат надлежните органи. Апелираше до граѓаните да не палат огнови на отворено во период на актуелните екстремно високи температури.
Штип во чад, инфузија за Костадинов
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, синоќа го свикал општинскиот Кризен штаб, откако пожарот се доближил на неколку километри до селата Селце, Драгоево и Пиперово. А откако чад го обвил и градот Штип, до граѓаните беше испратена препорака да избегнуваат присуство на отворено, односно да останат во нивните домови.

Градоначалникот на Општина Струмица, Костадин Костадинов, вчера морал да прими инфузија поради вдишан чад додека помагал во гасењето на пожарот во Струмичко. Информацијата за тоа ја објавија пожарникарите од Струмица.

„Градоначалникот Костадинов беше рамо до рамо со нас пожарникарите и несебично помагаше во гаснењето, организираше механизација, овошје, вода, електролити за сите нас. Во еден момент кога ескалираше пожарот вдишувајќи многу чад мораше да прими инфузија“, објавија тие.

Притоа му се заблагодарија на Костадинов, кој претходно објави дека секој струмички пожарникар ќе добие бонус од 10 000 денари.

„Најмалку што можам да направам за моите пожарникари кои деноноќно, посветено со последните сили се бориме против огнените стихии. Во името на цела Струмица ви благодарам“, објави Костадинов.

Храбрите велешки пожарникари
Директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов синоќа информираше дека во текот на денот биле регистрирани 29 пожари на отворено, од кои сѐ уште активни се 13.

Дождот помогнал да бидат совладани неколку пожари: кај Калањево неготинско, еден на територија на Општина Конче, големиот пожар на планината Огражден во општина Ново Село и кај селото Драгоево во насока на полигонот Криволак.

Според ЦУК, денеска фокусот ќе биде ставен на пожарот на Серта, но и на пожарот во околината на Битола кој од вчера земал насока кон планината Пелистер. Активни пожари има и во Градско, Росоман, Чашка, Зелениково, Студеничани и под Солунска глава.

Според Ангелов, вчера имало многу критична ситуација на територијата на Велес.

„Пожарот се закануваше да дигне во воздух повеќе боци со гас. Благодарение на храбрите велешки пожарникари линијата на огнот беше пресечена, пред да дојдат леталата“, информираше тој.

Пожар имало и во близина на полигонот Криволак, но ги демантираше медиумските наводи дека огнот ги зафатил магацините на Армијата.

 

DW