Повеќе од 10 пожари беа активни и вчеравечер, но ниту едно населено место не е загрозено, извести директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Вчера повторно се активирале и пожарите на планината Серта.
„Пожарите на планината Серта повторно почнаа да го горат со засилено темпо. Првиот е оној над воениот полигон Криволак над Пенуш, кон Брегалница. Се обидовме да го сопреме на земјениот пат кој оди околу полигонот Криволак, но за жал на една точка премина од другата страна и почна да го шири фронтот иако се забележува дека ја губи снагата“, вели директорот Ангелов. .
Втор пожар на планината Серта е оној над селото Пухче кој се движи во насока на селото Селце. Гори шума на големо пространство.
Третиот пожар на Серта е од неготинската страна, веднаш под ловиштето.
Има пожар и спроти селото Калањево.
„Тој беше ставен под контрола, а потоа и целосно изгаснат, за жал денес повторно се разбудија неколку огнени точки. Веднаш реагиравме, но воздухопловите моравме да ги упатиме на друга локација, поради што тој се уште е активен“, вели Ангелов.
Пожар има и на територијата на Општина Чашка, кај селата Мокрени и Богомила. Ангелов извести дека овој пожар поголема линија, можеби триесетина километри, со огнени точки.
„Карактеристика за овие пожари е што се работи за стрмни падини на планина.Трупците кои што горат се тркалаат надолу и предизвикуваат огнени линии зад нив што дополнително го отежнува гаснењето. Во Општина Чашка има пожар и околу врвот Лисец, кој е уште активен. На овие два пожари денес делувавме со сите расположливи воздухопловни сили, на земја гаснат локалните пожарникари, поддржани од полицијата, Аријата и тимови од Национални шуми“, рече Ангелов.
Сериозен е и пожарот на територијата на Македонски Брод. Не некои места гори и борова шума. Овој пожар се движи од атарот на селото Тажево кон село Брезница. Денес овој пожар се гасеше со воздухоплови, но без некој сериозен резултат.
Од прилепско Небрегово пожар се движи во насока на планината Мукос во општина Чашка. Крак од овој пожар Ангелов вели дека се движи во близина на манастирот во Небрегово.
Активен пожар има и кај село Фариш, кој бил изгаснат, а денес избил и нов сериозен пожар на територијата на општина Гевгелија, над селото Мрзенци. „Таму исто така делувавме со ертрактори и имаме одреден успех“, рече директорот Ангелов.
ЦУК