„Илинден“ во Тирана со осуда што Албанија не гарантира пратенички места за малцинствата

Македонското друштво „Илинден“ – Тирана, изрази длабоко разочарување и порача дека ќе продолжат да се борат за правата и за изборен систем кој гарантира правична и еднаква застапеност за сите граѓани. Ова доаѓа откако албанскиот парламент не го прифати барањато на малцинствата во Албанија за гарантирани пратенички места.

„Изразуваме длабоко разочарување и огорченост на одлуката на албанскиот законодавен дом, при усвојувањето на измените на Изборниот законик да не го земе предвид барањето на националните малцинства за загарантирани пратенички места, по примерот на повеќе европски земји. Ќе продолжиме да се бориме за правата и за изборен систем кој гарантира правична и еднаква застапеност за сите граѓани, рече за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Потсетува дека друштвото како рамноправна членка до Федералната унија на европските националности, ФУЕН, поднело резолуција со која се бара загарантирани места во парламентот за македонско национално малцинство во Република Албанија.

 

slobodnaevropa.mk