Мицкоски: Има индиции дека дел од пожарите се намерно подметнати

„Имаме доволен број на пожарникари и доволен број припадници на Армијата и на МВР за да се справиме со пожарите, иако станува збор за огнена стихија која е на својот историски пик. Само вчера имавме 66 активни пожари на отворено, 40 успеавме успешно да ги изгасиме. Имајќи ја предвид температурата која што следи, ќе продолжиме со ваквите предизвици да се бориме и во август. Не очекувам големи промени“, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски.

Мицкоски потенцира дека вчера имало историски незапаметен број на пожари на отворено – 66 и информира дека според информациите од МВР, постои основано сомневање дека причина за овие пожари во голема мера е невнимателност, а во голема мера е и намера истите да се предизвикаат.

„Ние ќе се бориме. Повторно го активиравме Европскиот механизам за барање поддршка во ваква кризна состојба. Република Чешка одговори со еден хеликоптер којшто треба денеска да пристигне, соседна Србија со уште еден хеликоптер, Унгарија утре ќе испрати четири теренци коишто се потребни за пределите коишто се непристапни. Истовремено и Словенија позитивно одговори. Германија ќе испрати два авиона и тој е капацитетот којшто ние во моментот можеме да го прифатиме. Можам да кажам дека состојбата целосно или делумно е или ќе биде ставена под контрола“, рече Мицкоски.

Премиерот не сакаше да се осврне на обвинувањата на СДСМ поврзани со пожарите, напоменувајќи дека „нема да коментира политичари и политички партии коишто имаат некрофилски намери“.

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски истакна дека ќе бидат преземени жестоки мерки за секој кој подметнува пожари.

„Во овие тешки моменти кога се соочуваме со катастрофални пожари, уште еднаш апелирам до сите граѓани да постапуваат совесно и одговорно, да избегнуваат активности кои можат да предизвикаат пожари и да пријавуваат сомнителни активности. Воедно, сакам да потенцирам дека МВР ќе преземе жестоки мерки кон секој кој намерно предизвикува пожари и ја загрозува безбедноста и животите на нашите граѓани“, напиша министерот на Фејсбук.

Во текот на вчерашниот ден, имаше вкупно 66 пожари пожари на отворен простор, од кои во моментот 12 се активни, 3 се под контрола и 51 се изгаснати.

Во моментот најсериозни пожари има во Пехчево, Старо Нагоричане каде пожарот се движи кон селата Малотино, Враготурце и Жегљане. Пожарот на територијата на Кратово кај селото Татомир кој се шири кон општина Куманово и општина Свети Николе. Понатаму општина Македонски Брод 1 – селата Тажево, Брезница, кракот кон Јасен, општина Свети Николе кај селата Макреш, Горно и Долно Ѓуѓанци, Строиманци и Ранченци. Активен е и вториот пожар кај Свети Николе над селата Ерџелија, Немањци и Малино.