(ФОТО) Македонците во Требиште областа Голо Брдо го одбележаа најголемиот македонски празник Илинден

Во организација на македонското друштво „Мост“ – Голо Брдо, поддржано од друштвото „Преспа“ денеска беше одржана илинденска средба во селото Требиште, областа Голо Брдо.

Ова се случува по седум години, до кога беше традиционална и се одржуваше секоја година на празникот Илинден.

Пред присутните се обрати претседателот на друштвото „Мост“ Бесник Хасани, кој изрази големо задоволство од обновувањето на традицијата и честитајќи го големиот празник, и Едмонд Темелко, претседател на друштвото „Преспа“, поранешен градоначалник на Пустец и експретседател на единствената македонска партија, МАЕИ, кој меѓу другото повика на обединување на Македонците во борбата за остварување на правата во Република  Албанија.

Повикувам на семакедонско помирување и обединување зашто посилни сме заедно во борбата за остварување на нашите легитимни права, како и одбрана од бугарската пропаганда и обидите на Софија и бугарската амбасада во Тирана за денационализација и асимилација на Македонците во Албанија. Повикувам на обединување со длабока анализа, за пропустите и слабостите на МАЕИ како носител на македонските процеси во Албанија, да се реорганизира Партијата на вонреден конгрес и заедно да продолжиме, да направиме силна партија која ќе биде конкурентна на политичките процеси во Албанија а не како досега како приврзок на еден партија, Социјалистичка партија, рече Темелко.

Меѓутоа, браќа и сестри, слободата не е еднаш засекогаш дадена. За неа треба да се бориме и да се избориме. Ние сме Македонци по потекло, ние сме лојални албански државјани, ја почитуваме државата Република Албанија, но и натаму ќе се бориме за човековите и граѓански права и слободи на Македонците. За многу години празникот Илинден! Да сте здрави и живе сите. Поздрав и честитки до сите Македонци каде и да се во светот, порача Темелко.

Средбата беше збогатена со македонски песни а се виореше и оро, за што покрај другите се погрижи и доајенот на македонската песна Круме Спасовски.

 

 

vesnik-ilinden.com