Скопје и Гостивар „шампиони“ по кражби на струја

Милиони евра штета предизвикуваат кражбите на струја, коишто станаа редовна појава во Северна Македонија. Скопје и Гостивар се два града шампиони по кражби на струја. На ваквиот ризичен потег се осмелуваат и поединци и фирми, коишто се надеваат дека на тој начин ќе го избегнат плаќањето на сметките. Неказнивоста или малите казни коишто им се изрекуваат на оние коишто ќе бидат фатени дека нелегално се приклучиле на електродистрибутивната мрежа, не ги заплашуваат крадците на струја. Иако еднаш веќе биле откриени, многумина повторно се одлучуваат на „диво“ да се приклучат на мрежата.

Во моментов најмногу случаи на кражби на струја има во селото Сингелиќ, Серава, Дижонска, Сарај, селото Лисиче и неколку скопски градски подрачја. За дел од овие локации со години наназад се зборува дека се центрите за копање биткоини во Северна Македонија.

„Копањето на криптовалутите претставува трошење на огромно количество на електрична енергија. Токму затоа, копачите на криптовалути со цел да го зголемат својот профит, честопати се одлучуваат да ги манипулираат броилата“. велат за ДВ од Електродистрибуција.

Покрај кражбата на струја и штетите кои ги предизвикуваат, копачите на криптовалути ја преоптоваруваат електродистрибутивната мрежа, оставајќи повеќе корисници и населби во мрак. Во екстремни случаи, преголемото оптоварување на системот за копање биткоини може да доведе и до пожар.

Од 312 пријави – покренати 103 постапки
Неовластеното преземање на електрична енергија претставува кривично дело „кражба на електрична енергија, топлинска енергија или природен гас“ согласно член 235-а од Кривичниот закононик со кој е дефинирано дека „тој што со приклучување без согласност на соодветниот оператор на системот, со преземање пред уред за мерење, со отстранување, онеспособување, премостување, промени и слично ракување со уред за мерење или на друг начин неовластено ќе користи електрична енергија, топлинска енергија или природен гас, со намера за себе или друг да прибави противправна имотна корист, ќе се казни со казна затвор или парична казна“.

За правните лица е предвидена парична казна, а за физичките лица е предвидена казна затвор до три години и парична казна. Доколку вредноста на украдената електрична енергија е поголема, тогаш е предвидена казна затвор до пет години и парична казна.

Од Електродистрибуција за ДВ велат дека од почетокот на 2024 година се поднесени 312 пријави за неовластено користење на електрична енергија, но досега се процесуирани 103 судски постапки за кражба на електрична енергија.

„Кражбите не се извршуваат само од физички лица. Сѐ повеќе расте и бројот на правни субјекти со големи приходи што во голема мера неовластено користат електрична енергија“, вели за ДВ портпаролката на ЕВН, Вјоса Селими.

Тетовската полиција деновиве поднесе кривична пријава против жител на селото Камењане поради кражба на електрична енергија. Тој уште лани ја преместил мерната опрема, при што извршил директно врзување на електрична мрежа без мерење, со што на ЕВН Македонија предизвикал материјална штета од над 230 илјади денари.

Пријава доби и полициски инспектор од Струга за кражба на струја од бандера на ЕВН. Како што деновиве информираше МВР, тој неовластено се приклучил на бандерата преку електрично броило поставено во куќата на неговиот починат татко, од каде бил пуштен кабел за електрична енергија до неговата куќа.

Кражбите видливи – сторителите не се откажуваат
Според статистиката на компанијата, дури една четвртина од сторителите во 2024 година се рецидиви, а истото дело го повториле во период од 3-4 години. „Ваквата голема бројка на повторување на делото е сосем загрижувачка и алармантна, а е резултат на несоодветното казнување односно изрекување на најлесни можни казни, или на целосно неказнување на сторителите од страна на судовите“, сметаат од Електродистрибуција.

Според нив, огромен број на овие сторители сега си дозволуваат дури и директно да се поврзат со кабел во нисконапоските столбови, што подразбира дека нивните кражби се на отворено, лесно се препознаваат и се потполно видливи за општеството и институциите.

„Електродистрибуција со користење на интелигентни алатки и решенија е во можност да открие секаков вид на манипулации и влијанија во мрежата, а после откривањето веднаш следува поднесување на соодветни кривични пријави за сите сторители без исклучок. Компанијата е целосно посветена на документирање и процесуирање на сите неовластени користења на електрична енергија“, вели Вјоса Селмани.

 

DW